|
ВЛАДАТА НАЈАВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
Нови клупи за 190.000 ученици
Планирана е и реконструкција на санитарните јазли во 400 основни и средни училиштаОколу 400 средни и основни училишта в година ќе имаат реконструирани тоалети и санитарни јазли, најави вчера премиерот Никола Груевски. Паралелно со тоа, Владата ќе обезбеди пари и за 95.000 нови клупи што ќе го заменат дотраениот училиштен инвентар. Одлуката за инвестирање во двата проекта Владата ја донела за да ги подобри хигиенските услови во училиштата, кои во многу од нив се на ниско ниво. Според Груевски, особено е алармантна состојбата со санитарните јазли, што пред неколку месеци го констатираше и Државниот санитарен инспекторат. Контролите на санитарните инспектори извршени во текот на летото покажаа дека 90 отсто од училиштата имаат неисправни санитарни јазли. Од 330 училишта во кои беше извршена контролата, 280 не ги исполнуваа основните хигиенски услови. Поради тоа, Инспекторатот дури и издаде наредби за затворање на неколку образовни установи пред почетокот на учебната година.
- Состојбата со санитарните јазли во училиштата не ги задоволува основните критериуми. Ова беше констатирано и од Санитарниот инспекторат кој реагираше со забрана за нивно користење како превенција од заразни болести. Состојбата е особено загрижувачка во училиштата во кои бројот на учениците е поголем - рече Груевски.
Според процените на Владата, за оваа намена ќе се потрошат околу 6,5 милиони евра од државниот буџет предвиден за 2008 година. Освен за реконструкција на училишните тоалети, ќе се издвојат пари и за обнова на инвентарот, кој во многу училишта е стар и дотраен. Според најавите на премиерот, околу 95.000 искршени клупи ќе се заменат со нови, од кои половината ќе бидат комплетирани со столови.
- Со ова ќе дојде до сериозно опремување на училниците со клупи и столови во голем дел од училиштата. Информациите за тоа каде реконструкцијата е најпотребна ја добивме од самите училишта. Во изминатиот период опременоста на училиштата со инвентар не беше третирана како битен момент. Како резултат на тоа, клупите и столовите се стари и во лоша состојба и не дозволуваат нормално одвивање на наставата - истакна Груевски. За ваквата состојба премиерот ја обвини лошата политика на поранешните влади.
Даница Тунтевска, Дневник- 15.10.2007 |