Македонски Односи со јавност Бесплатни учебниците без цртеж на Мухамед

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 288
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

Бесплатни учебниците без цртеж на Мухамед

ДНЕВНИК бр. 3471

Средношколците што купиле учебници по историја во кои има цртеж на пророкот Мухамед може бесплатно да ги заменат со нови изданија, без спорниот цртеж.

Издавачката куќа „Просветно дело“ отпечати нови историски учебници за прва година за гимназиско и стручно образование, а од книжарниците го отстрани целиот тираж од старите книги.

Министерството за образование пред петнаесетина дена ги повлече од употреба двата учебника, бидејќи со објавувањето слика од пророкот се навредувале верските чувства на луѓето од исламска вероисповест. Од Министерството најавија и санкции за тие што дозволиле цртежот да се појави во учебниците.

- Сите ученици што имаат стари учебници може да ги заменат во која било книжарница на „Просветно дело“. Старите се отстранети и од магацините. Се работи за голем тираж, имаме штета, но поевтино беше да ги препечатиме отколку само да ги уништиме спорните - вели Ели Маказлиева, главна уредничка во „Просветно дело“.

Од издавачката куќа најавуваат дека нема да бараат отштета.

- Учебниците регуларно беа одобрени на конкурс и во минатата година се користеа во наставата. Објавувањето на цртежот не е вина ниту на авторите ниту на издавачот. Сепак, ја преземаме одговорноста и длабоко им се извинуваме на верниците - вели Маказлиева.

Министерството за образование формира комисија што проверува дали цртеж на пророкот е објавен во други книги. Ако има такви, според најавите, сите ќе бидат повлечени од употреба.

(Д.Т.)