|
ДНЕВНИК бр. 3470 На Државниот универзитет во Тетово вчера почна Првиот меѓународен семинар за албанологија, кој ќе трае една недела. - Одржувањето на семинарот јасно ја отсликува одлуката на Владата да работи за целосното изразување на културниот диверзитет во случајот на албанската јазична заедница со што се влијае на зголемување на довербата и нејзината интеграција во македонското општество - рече премиерот Никола Груевски на свеченото отворање. Освен отворањето, сите други активности ќе се одржат во Охрид. - Првпат се тука и научници што ја проучуваат македонистиката за кои сум убеден дека ќе расветлат нови аспекти на јазикот, книжевноста, историјата и на етнокултурата, области со многу елементи заеднички за народите што живеат на овие простори - изјави ректорот Сади Беџети. Истакнувајќи го значењето на универзитетот, како симбол на мултиетничноста, премиерот Груевски нагласи дека Владата ќе одобри нови 230 работни места за наставен кадар. На свеченото отворање присуствуваа научници и професори и од универзитетите во Албанија и во Косово, министрите за култура и образование, Арификмет Џемаили и Сулејман Рушити, како и претседателите на ДПА и на ПДП, Мендух Тачи и Абдуљади Вејсели. (И.Ц.)
|