Македонски Односи со јавност 04.09.2007 НОВА МАКЕДОНИЈА (бр. 21180)

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 288
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

04.09.2007 НОВА МАКЕДОНИЈА (бр. 21180)

Почна учебната 2007/2008 година и акцијата „Компјутер за секое дете“

Во ноември компјутери за сто илјади ученици

 

За над 300 илјади ученици во основните и во средните училишта вчера почна учебната 2007/2008 година. Од нив околу 23 илјади се првоодделенци кои ќе учат по новиот концепт на деветгодишно основно образование.

На првиот училишен ден во новата учебна година премиерот Никола Груевски го посети средното автосообраќајно училиште „Боро Петрушевски“ во Скопје, во кое пристигнаа првите компјутери од акцијата „Компјутер за секое дете“. Груевски во изјава за медиумите рече дека до крајот на ноември ќе бидат инсталирани приближно сто илјади компјутери, во сите средни училишта и постепено во основните училишта од петто до осмо одделение. Премиерот ги поздрави учениците во Автосообраќајниот училишен центар, посакувајќи им успешна работа на новите компјутери од кинеската компанија „Хаиер“. “Во ова училиште стигнаа првите компјутери од вкупно 150 илјади кои ги планираме за сите ученици од прво одделение во основно училиште до крај на средно училиште во Република Македонија во оваа и во следната година. Бидејќи договорот со компанијата која ги произведува компјутерите се склучи кон крајот на минатата недела, денеска се стигнати само дел од компјутерите во неколку учлишта“, рече Груевски.

- Првите впечатоци се одлични. Ќе бидеме земја која ќе биде спомнувана по тоа што секој ученик во основните и во средните училишта има компјутер пред себе, додаде премиерот. Во последната тура, на крајот на 2008 и почетокот на 2009 година, компјутери ќе добијат и учениците од прво до четврто одделение, за кои се уште нема отворено тендер. Покрај АСУЦ „Боро Петрушевски“, со нови компјутери се опремени уште две средни училишта, во Битола и Тетово. Во нив компјутерите деновиве се монтираат, а за две недели ќе добијат интернет. Државниот секретар во Министерството за образование Перо Стојановски изјави дека деветолетката успешно стартувала во училиштата во Македонија, со исклучок на неколку.

Во велешко Оризари наставата не почнала зашто населението бара да се доизгради новата училишна зграда “За жал, наставата во Оризари не почна, и покрај инсистирањето од Министерството. Вчера имаше екипа од Министерството и разговараше со жителите. Се догоривме наставата да почне со еднонеделно задоцнување и во текот на учебната година ќе ги надополниме изгубените часови“, рече Стојановски. Наставата не почнала ниту во ОУ „Петар Здравковски Пенко“ во скопската општина Бутел. Проблемот е што во училиштето се запишани ученици во прво одделение од соседните општини.

Според новата реонизација, директорите треба да запишуваат ученици само од својата општина. “Во најголем дел од училиштата условите се исполнети, остануваат ситни проблеми кои се од решлив карактер и тие не се причина за неотпочнување и успешна реализација на деветолетката“, додаде државниот секретар во Министерството за образование и наука. Деветолетката е задолжителна и ги опфаќа децата кои имаат наполнето пет години и осум месеци. Образованието ќе се одвива во три воспитно-образовни периоди (прво-трето, четврто-шесто и седмо-деветто одделение).