|
04.09.2007 ВЕЧЕР (бр. 13591) ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ВО АСУЦ "Првите впечатоци се одлични. Ќе бидеме земја што ќе биде споменувана по тоа што секој ученик во основните и средните училишта има компјутер пред себе", изјави вчера премиерот Никола Груевски откако ги разгледа училниците во скопското средно училиште АСУЦ "Боро Петрушевски", каде прво беа инсталирани компјутерите што Владата ги набави во рамките на проектот "Компјутер за секое дете". Посакувајќи им успех на учениците во учењето што ќе го добиваат користејќи ја напредната технологија, Груевски рече дека за два-три месеци и останатите средни училишта во земјава ќе бидат опремени со компјутери.
- Бидејќи договорот со компанијата "Хаиер", што ги донесе компјутерите, се случи кон крајот на минатата недела, пристигнати се само дел од компјутерите во три училишта. До крајот на ноември ќе бидат инсталирани приближно сто илјади компјутери во сите средни училишта и постепено во основните училишта од петто до осмо одделение - истакна Груевски. Во последната тура, на крајот на 2008 и почетокот на 2009 година, компјутери ќе добијат и учениците од прво до четврто одделение, со што ќе биде завршен проектот со кој се планирани вкупно 150.000 компјутери за учениците во сите училишта во земјава. За набавка на последната тура компјутери, Владата допрва ќе распишува меѓународен тендер. Засега, компјутерите во АСУЦ "Боро Петрушевски" немаат интернет. Груевски најави дека приклучок на глобалната мрежа ќе добијат за две недели. (С. Бл.)
|