|
ПОЧНА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА Во клупите седнаа 23.000 првачиња Во Бирото за образование не ја обелоденија бројката колку од првачињата се Македонци, колку Албанци, колку Турци, Срби... Оттаму велат дека уписот се уште трае и до крајот на неделава ќе се знаат конечните бројки по национална припадност.  За околу 300.000 основци и средношколци вчера почна новата учебна година. Училишното ѕвонче првпат во клупите ги собра и 23.000 првачиња кои од годинава ќе учат по новиот концепт на образование - деветолетка. Во Бирото за образование не ја обелоденија бројката колку од првачињата се Македонци, колку Албанци, колку Турци, Срби... Оттаму велат дека уписот се уште трае и до крајот на неделава ќе се знаат конечните бројки по национална припадност. За да ја направат посвечена атмосферата за стартот на новата учебна година, директорите во училиштата организираа приредби за учениците. Највозудени, (а некои и збунети) беа првачињата кои дојдоа со родителите. Поддршка вчера нив им беше најпотребна, бидејќи влегуваат во еден нов свет, што за нив ќе значи многу обврски влегувајќи во задолжителниот образовен систем. Со списоците в раце по првиот училишен час се упатија во книжарниците да купуваат книги и училишен прибор. Желби за успешна година на сите ученици им посакаа директорите, наставниците, премиерот Никола Груевски, министерот за образование Сулејман Рушити, скопскиот градоначалник Трифун Костовски. - Министерство за образовние и наука прави максимални напори да создаде подобри и поквалитетни услови во образованието. Реформите ќе бидат целосно успешни ако на нив со позитивен дух работат сите важни фактори во наставно-образовниот процес, наставникот, ученикот и родителот. Оваа релација е битна компонента за успешно учење и успешен образовен процес, истакна во пораката до учениците и наставниците министерот за образование и наука Сулејман Рушити. Тој додава дека мисијата на Владата е хумана и општа зашто работат за иднината на идните генерации. "Сакаме да ги обезбедиме сите услови што ги бара современото учење и современото општество. Во оваа насока во фаза на реализација е проектот Компјутер за секое дете" со што се обезбедува успешна и квалитетна настава, но и можност за добивање нови знаења преку интернет-мрежата. Паралелно со оваа значајна алка на реформата во образованието е и реновирањето, реконструирањето и изградбата на новите училишни објекти и спортски Сали", посочува министерот за образование. Тој на првиот училишен ден го пушти во употреба новиот објект на ОУ "Кузман Јосифовски-Питу" во Кичево, а присуствуваше и на инсталирањето на првите компјутери од проектот "Компјутер за секое дете" во средното училиште "8 Септември" во Тетово. Според Бирото за развој на образованието, се е подготвено за успешен старт на деветолетката. Обучени се 1.350 наставници, кои за работа по новиот образовен концепт имаат и прирачници. Подготвени се нови наставни планови согласно со возраста на учениците, како и посебен план со динамика на примената на новите наставни програми. За родителите најважно е да се обезбедат подобри услови за децата во училиште, да се реновираат старите згради во кои се смесетни најголемиот број училишта, како и да се направат напори да се обезбедат бесплатни учебници, бидејќи токму набавката на учебниците им создава најголеми главоболки на стартот на учебната година. Милена ГЕОРГИЕВСКА
|