|
04.09.2007 ВРЕМЕ (бр. 1166) ПРВ УЧИЛИШТЕН ДЕН Со насмеано лице, уредно облечени и со картички со напишано име и презиме закачени на нивните кошули - така изгледаа најмладите ученици, кои со наполнети 5 години и осум месеци првпат оваа учебна година, на толку рана возраст, седнаа во училишните клупи. Учебната година вообичаено почна со приредби за добредојде на кои, покрај првачињата и наставниците, присуствуваат и родителите. - Оваа учебна година е посветена на македонскиот јазик, со тоа што според новиот концепт за деветгодишно основно образование се предвидени шест часа неделно за овој предмет наместо досегашните пет. Оваа промена е направена за да се стави поголем акцент на изразувањето на децата, составувањето реченици и воопшто да се подобри комуникацијата - велат наставничките од деветтолетката во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“. Во ова училиште се запишани 131 прваче, со што бројот на паралелките за прво одделение годинава е зголемен од три на шест. Секое дете си носи на вратот картичка со неговото име и презиме во одредена боја по која може да ја познае својата училница.
- Ние ги добивме прирачниците за работа, а во новата програма нема некои поголеми промени, освен што е повеќе растоварена во споредба со ланската. Со првачињата од деветтолетката ќе одржуваме активна настава и ќе постои индивидуален пристап кон секое дете. Се ќе се одвива преку методот на игра и истражување каде што самите тие ќе треба да откриваат, а ние само ќе ги насочуваме. Буквите, броевите до десет и знаците ќе се учат само на ниво на препознавање, а нема да бидат исклучени ниту играчките, па затоа и самите училници се уредени како катчиња - велат во училиштето „Св. Кирил и Методиј“.За првоодделенците, покрај предметите македонски јазик, математика, физичко и музичко, новина се предметот запознавање на околината, кој во досегашната осмолетка се викаше природа и општество, и англискиот јазик. Во скопското основно училиште „Гоце Делчев“ наставата почнала без проблеми и, како што не известија од таму, сите нови ученици од деветтолетката се примени во простории што се специјално приспособени за нив. - Првиот училиштен ден почна во најдобар ред, децата беа радосни што се тука, па дури и немавме никакви проблеми со адаптацијата на најмалите за кои обично се очекува да дојдат расплакани - напротив токму тие дополнително ја развеселија атмосферата. Оваа година запишавме околу 440 ученици, а од нив во две паралелки се распоредени 41 дете од програмата на деветтолетката и уште во две се сместени 46 деца што продолжуваат како осмолетка. За новите првачиња нема да имаме дополнителни наставници, туку ќе бидат ангажирани постојните кадри. Просториите во кои тие ќе престојуваат ги опремивме според нашите можности, а планираме да ги приспособиме и клозетите со дел од средствата од проектот „Модернизација на образованието“ - рече директорот Ѓорги Миташевски. Со новиот концепт за деветгодишно основно образование е предвидено наставниците да водат евиденција за напредокот на учениците во која ќе стојат сите нивни изработки од часовите и на крајот од годината ќе добијат свидетелство со описна оцена. Првачињата од деветтолетката идната година ќе преминат во второ одделение, а оние од осмолетката од прво ќе прејдат на трето одделение. Р. П. |