Македонски Односи со јавност Почнува деветгодишно основно образование

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 288
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

Почнува деветгодишно основно образование

03.09.2007  НОВА МАКЕДОНИЈА (бр. 21182)

Околу 300 илјади ученици “ќе трчаат “ по петки

Околу 23 илјади првооделенци денес ќе ја почнат учебната 2007/2008 година по новиот концепт на деветгодишно основно образование. Деветолетката е задолжителна и ги опфаќа децата кои имаат наполнето пет години и осум месеци. Образованието ќе се одвива во три воспитно-образовни периоди и тоа прво-трето, четврто-шесто и седмо-деветто одделение. Деветолетката е воведена поради потребата за усогласување на македонскиот со образовните системи во европските земји и поради тоа што во предучилишното воспитание досега беа опфатени само 11 проценти од децата на шестгодишна возраст. “Денес во Република Македонија почнува новата учебна 2007/2008 година во која наставата ќе ја следат над 300.000 ученици во основните и средните училишта. Новата учебна година за разлика од претходните години ќе почне во нов дух со оглед на фактот дека изминатиот период од година дена се направени значајни реформи со цел да се подобри кавлитетот на образованието“, истакнува министерот за образование и наука Сулејман Рушити во пораката до учениците и наставниците.

Рушити ги уверува родителите да не се грижат поради воведената деветолетка и им порачува дека треба да се гордеат што нивните деца се прва генерација која го почнува деветогодишното основно образовние.

“Министерство за образовние и наука прави максимални напори да создаде подобри и поквалитетни услови во образовието. Реформите ќе бидат целосно успешни ако на нив со позитивен дух работат сите важни чинители во наставно-образовниот процес, наставикот, ученикот и родителот. Оваа релација е битна компонента за успешно учење и успешен образовен процес“, напоменува Рушити.

Владата, додава министерот за образование, е цврсто определена овие реформи да ги продолжи и успешно да ги реализира. “Нашата мисија е хумана и општа зашто работиме за иднината на идните генерации. Сакаме да ги обезбедиме сите услови што ги бара современото учење и современото општество. Во оваа насока во фаза на реализација е проектот “Компјутер за секое дете“ со што се обезбедува успешна и квалитетна настава, но и можност за добивање нови знаења преку Интернет мрежата.

Паралелно со оваа значајна алка на реформата во образованието е и реновирањето, реконструирањето и изградбата на новите училишни објекти и спортски сали, потенцира министерот Рушити во пораката до учениците и наставниците. Според Бирото за развој на образованието, се е подготвено за успешен старт на деветолетката. Обучени се 1.350 наставници, кои за работа по новиот образовен концепт имаат и прирачници. Подготвени се нови наставни планови согласно со возраста на учениците, како и посебен план со динамика на примената на новите наставни програми. Концептот нуди повеќе часови за мајчиниот јазик, изучување на англискиот јазик од прво и втор странски јазик од шесто одделение, зголемен број часови за физичко и здравствено образование и континуирано користење на информатичката технологија во наставниот процес. Во деветгодишното основно образование ќе има и подобар систем на следење и оценување на постигнувањата на учениците во рамките на секој образовен период. Во првите три одделенија оценувањето ќе биде описно, а потоа почнува нумеричкото оценување. Во првото полугодие ќе биде застапен воспитниот дел на наставата и првооделенците ќе учат од дидактички материјали, а од учебници по македонски, математика и запознавање на природата ќе учат во второ полугодие. Англискиот јазик ќе го изучуваат еден час седмично, преку игра и без учебник. Во средните училишта се воведува нов наставен предмет - бизнис и претприемништво. Од наредната учебна година во македонскиот образовен систем треба да профункционираат уште две новини - верско образование во основните училишта и задолжително средно образование.