|
01.09.2007 ДНЕВНИК (бр. 3456)
Ѕвончето ќе заѕвони во 33 нови училиштаСо правилно менаџирање, парите што им ги префрламе на општините се доволни за подобрување на безбедноста, но и за други потреби на училиштата, вели министерот Рушити.  Основните и средните училишта во оваа учебна година нема да имаат проблеми со финансиите, со набавката на огрев или условите во кои се изведува наставата, уверува министерот за образование и наука, Сулејман Рушити. Тој смета дека новите 33 училишта што се завршени или се во изградба, како и реконструкциите, ќе придонесат наставата од понеделник да почне во порелаксирана атмосфера отколку во претходните години. - Годинава нема да има проблеми со обезбедувањето дотации за училиштата. Но, за да биде така, парите што ги префрламе до локалната самоуправа мора да се користат точно според намената. Образованието во земјава со години беше запоставено и затоа правиме големи напори да ја доведеме ситуацијата во ред. Со капиталните инвестиции во објектите и со реконструкцијата на училишните згради ќе имаме оптимална состојба во смисла на просторната опременост во школите. Годинава почнуваме и со новиот предизвик, реформираното деветгодишно основно образование. Почнува и компјутеризација на школите, зголемен фонд на часови по физичко образование, нови задолжителни предмети... Ме радува и тоа што од годинава ќе имаме посреќни наставници со најавеното зголемување на платите. Ќе имаме многу интересна учебна година, која ќе биде води во поквалитетно образование - вели Рушити.
БЕЗ КАБИНЕТСКИ СПИСОЦИДржавниот санитарен инспекторат утврди дека 90 отсто од школите имаат катастрофални санитарните јазли, кои веќе не се за употреба. Што презедовте за да се подобрат состојбите? - Од првиот ден се трудам да ги слушнам барањата на училиштата и нивните потреби. За жал, во Министерството не најдовме база на податоци за тоа што им треба. Не верувам дека толку многу училишта имаат проблеми со санитарните јазли. Тоа беше поинаку пренесено или недоволно сфатено. Од санитарната инспекција рекоа дека се работи за 90 отсто од училиштата што биле предмет на контрола. Ние побаравме да се направи инспекција во школите. Бидејќи на општините им префрламе пари за одржување на школите, сакаме да се увериме дека тие наменски се трошат. Тековното одржување на објектите веќе не е надлежност на Министерството за образование, туку спаѓа во делот на блок-дотациите до локалната самоуправа. Сметам дека по извештајот на инспекторатот ситуацијата е подобрена, со оглед на тоа дека редовно ги префрламе парите. Реагираме секаде каде што има проблем и ќе продолжиме така. На средбите со граѓаните директно на терен гледаме каква е состојбата со училишните згради. Не правиме приоритетна листа од кабинет, туку знаеме во кое место што треба. Не сакаме да се фокусираме само на решавање на наталожените проблеми, туку и да ги спроведуваме реформите. Многу време е изгубено во образованието и ја немаме удобноста само да решаваме проблеми, па дури после да воведуваме новини. Работиме паралелно. Пред нецел месец објавивте дека во 37 училишта не постојат просторни услови за почеток на деветолетката. Пред една недела излеговте со спротивно тврдење - дека новиот концепт секаде ќе почне без проблеми. Што успеавте да средите за толку краток период? - Имаше потреба од дополнителен простор и кадар, бидејќи ќе имаме две категории првоодделенци. Тоа е веќе решено. Во договор со Министерството за труд и социјална политика, таму каде што имаше просторни проблеми ги презедовме градинките. Нивните простории ќе се користат за изведување настава во деветолетката. Преземен е и наставниот кадар, одредени се просториите и нема да има никакви проблеми.
Од годинава учениците ќе имаат поголем фонд часови по физичко и здравствено образование. Може ли да се очекува часовите да бидат ефикасни, со оглед на тоа дека голем број училишта немаат спортска сала? - Токму затоа ќе градиме нови 145 спортски сали. Кон средината на месецот ќе ја објавиме процедурата за јавна набавка. Во изградба се 30 спортски сали за потребите на образованието, со што вкупната бројка на планирани спортски објекти ќе скокне на 175. Поради недостигот од спортски сали се потребни толку многу нови објекти. Не треба да повторувам колку е важна физичката активност за правилниот развој на децата. Статистиката покажува дека голем број деца во земјава имаат проблеми со ‘рбетниот столб поради слабата физичка активност. И јас сум еден пример од нив бидејќи во текот на моето школување немав спортска сала. Имаме предвидена динамика од три години за да ги завршиме објектите, но сметам дека ќе бидеме готови и порано. Сведоци сме на постојани кражби во училиштата, дури и на подметнати пожари. Директорите тврдат дека немаат пари да ангажираат повеќе чувари или агенции за обезбедување. Дали Министерството планира да одвои пари за оваа намена?
- Македонија има многу млада демократија и понекогаш имаме проблеми со дефинирање кој за што е надлежен. Во Законот за децентрализацијата треба да се допрецизираат некои работи, особено во делот на надлежностите и одговорноста. Знам дека училиштата не се обезбедуваат, но законот им дозволува на општините да склучат договори со агенции за обезбедување и тие треба да го искористат тоа право. Не е оправдување дека парите се проблем. Верувам дека со правилно менаџирање, парите што им се префрлаат на општините се доволни за подобрување на безбедноста, но и за сите други потреби на школите. До каде сте со реализацијата на проектот „Компјутер за секое дете“? Кога ќе почне инсталирањето на сметачите и кога очекувате да завршите?
- В понеделник ќе бидеме сведоци на инсталирањето на првите компјутери. Динамиката е договорена со фирмата-набавувач и очекуваме првата фаза да заврши до Нова година. Нема да има проблеми бидејќи ги обезбедивме парите, а и компанијата смета дека може да ја заврши работата во договорениот рок. ВИСОКООБРАЗОВНИ РЕКЕТАРИ Како ќе ја казните групацијата „Евроколеџ“ од Куманово и од Струга, за која јавно посочивте дека нелегално запишувала студенти? Што ќе се случи со тие што веќе студираат таму? - Состојбата е многу јасна. Законите важат за сите и во нив е јасно дефинирано како се формираат високообразовните установи. За никого не треба да има исклучок. Од инспекторите дознавме дека „Евроколеџот“ од Струга запишува студенти. Таа институција не побарала акредитација и не е запишана во регистарот на високообразовни установи. Значи, законски е целосно фиктивна. Нема да дозволиме да одиме по логиката на рекетирање. Неакредитираните установи прво запишуваат студенти и после ги злоупотребуваат за своите цели со тоа што запишаните ќе протестираат ако не ја признаеме установата. И тоа е нормално, зашто платиле за образованието и ги интересира што ќе се случува со нив. Министерството не ги спречува институциите да вршат високообразовна дејност, но има процедури, кои мора да се почитуваат. Никого не спречуваме да достави документи со барање за акредитација. Но, нема да дозволиме младите да се злоупотребуваат, да се запишуваат на неакредитирани установи и дипломите да не им бидат признаени. Тоа повлекува економски, социјални и други проблеми. Затоа реагиравме уште во почетокот. Некои луѓе имаат економски интерес од целава ситуација, но не можеме да дозволиме некој да профитираат врз грбот на студентите. Јас сум должен да ги информирам кои факултети се акредитирани. Ќе се потрудиме да не им наштетиме на запишаните студенти на „Евроколеџот“ во Куманово. Но, тие што ги довеле до заблуда мора да одговараат. Жал ми е што се измамени. Комплетната документација за случајот ја доставивме до органите должни да ја спроведат постапката. Новиот начин за пријавување за место во студентските домови по електронски пат предизвика и проблеми. Има студенти што испратиле барања, ги исполнуваат сите услови, но ги нема ниту на листата со примените ниту на таа за чекање. Како ќе го решите овој проблем? - Проблемите се појавија бидејќи некои студенти изгледа не го пополниле барањето како што треба. Затоа постои комисија што ја проверува веродостојноста на податоците, но и ги исправа евентуалните пропусти на технологијата. Ако студентите поднесле приговор, комисијата ќе го разгледа и сигурно ќе најде решение. Кога станав министер, едно од најжешките прашања беше злоупотребата на процедурата за добивање место во студентски дом. Мислам дека годинава нема да има таков проблем и нема да има корупција. Ако се појави, имаме начин да го решиме и тоа. Ако студентите имаат проблеми, некој сака да им продаде место или да им го земе, треба да пријават. Новиот начин на аплицирање, со кој и се бориме против корупцијата, засега се покажува како успешен. На новата веб-страница на МОН граѓаните може анонимно да пријават случаи на корупција во образованието. Се јавил ли некој досега? - Не, но добиваме многу писма и поплаки за оваа проблематика. Граѓаните бараат дополнителни информации, што значи почна да се менува свеста. Непосредните контакти секогаш се подобри и затоа ги проверуваме сите пријави. Ги охрабрувам граѓаните да се јавуваат, бидејќи ќе ги провериме сите информации. Тие ќе останат анонимни, а органите на државата имат начин да докажат дали постоеле коруптивни дејства. Најавена е реконструкција на дел од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Планирате ли во скоро време капитални инвестиции и во другите домови, со оглед на тоа дека се во катастрофална состојба? - Секако дека планираме. Сметаме дека ако ги понудиме на јавно-приватно партнерство, ќе има заинтересирани. Ако не се јават, идеите ќе ги реализираме со пари од буџетот на Министерството за образование. Планирана е реконструкција на постојните објекти, но и изградба на нови домови таму каде што е потребно. Неколку дена не се проблем  Во деветолетката децата ќе тргнуваат со навршени пет години и седум месеци. Што ќе правите со децата што за неколку дена не ја достигнуваат потребната граница, а родителите сакаат да ги пратат во училишта? - За тоа не е виновна деветолетката. Такви случаи имавме и порано, но се работеше за деца на поголема возраст. Во законот е точно посочено која е потребната возраст за запишување на децата, но неколку дена помалку не се проблем. Се прават исклучоци. Тим од психолози и педагози утврдува дали детето е доволно зрело и да може да се запише во училиште. И порано помали деца по барање на родителите се запишуваа на училиште. Се разбира, ако дозволат стручните лица. Немам никаков ексклузивитет Стручната јавност пред неколку дена изнесе голем број забелешки за Предлог-законот за високото образование, особено за делот со кој министерот за образование ќе има можност да укине високообразовна институција. Во која ситуација министерот ќе има вакво овластување? - Не е точно дека имаше многу забелешки. Во комисијата што работеше на законот, имаше претставници и од универзитетите. За тој закон неколкупати се организира јавна дебата, а во една од нив учествуваше и одборот на ректорите. Тогаш никој не изнесе забелешки. Имаше неколку додека се работеше законот, кои во меѓувреме се усогласени. Предлог-законот нема ексклузивна одредба што не постои во другите европски држави. Гарантира автономија на универзитетите, која се остварува преку Сенатот. Министерот нема ексклузивно право да укине високообразовна установа. Нормално, има право во некоја процедура да ја донесе крајната одлука ако не се почитуваат одредбите од законот. Даница Тунтевска |