|
ФОРУМ ПЛУС бр.95 Министерството за образование и наука ја почна кампањата “Подарете нешто за вашето училиште”, со која граѓаните се повикуваат да подарат нешто за училиштата во кои некогаш се школувале. Што е идејата и зошто е потребна една таква кампања? И пред да станам министер, лично сум учествувал во вакви филантропски акции. Неколку месеци веќе размислувам за една ваква акција во училиштата. Идејата не е само во материјалните добивки што ќе ги имаат училиштата, туку и во тоа да се подигне свеста на општеството да се грижи за училиштата како за свети места, зашто во нив е најважниот дел од општеството - децата! И не случајно насловот е “Малку љубов за добрите сеќавања”. Сите ние имаме добри сеќавања од тоа време и сите имаме можност нешто да подариме. Важно е да се покажува грижа и љубов!
Какви резултати очекувате од акцијата и од кого очекувате да се приклучи? Очекувам сите граѓани, во зависност од нивните можности, да се вклучат во акцијата, почнувајќи од разубавување на дворовите, садење зеленило или некое дрво, сў до поправки на училиштата. Неодамна, кога зборував со еден мој личен пријател, угледен уметник, сликар, го прашав дали има подарено слика на неговото училиште. Ми одговори негативно, а знам дека има подарено слики на други институции. Сметам дека и за него и за другите ќе биде од големо значење да дадат еден таков подарок за училиштето, лично од нив. Во кои училишта ги завршивте основното и средното образование и што ќе им подарите за време на кампањата? Основното образование го завршив во ОУ “Чајле” во Чајле, а средното во Средното училиште во Гостивар. Сигурно дека и на двете училишта ќе им подарам нешто, во секој случај прво грижа и љубов, а не би сакал сега да кажам што ќе биде тоа, затоа што би сакал да бидам дел од акцијата која ја замислувам повеќе како граѓанско движење, како граѓанска акција. |