|
СДСМ знаеше во каква состојба ги остави училиштата. На јавноста и беше презентирана една состојба, додека во 2006 година состојбата се покажа поинаква. Во Република Македонија имавме нерамномерна распределба на сретствата, многу лоша инфраструктура. Финансиските буџетски сретства за реконструкција на училиштата и изградба на нови училишни згради за основното образование, кои во 2005 изнесуваа 109,795,000 денари, во 2008 ги зголемивме на 563 милиони денари. За средно образование во 2005 беа одвоени 35.540.000 денари, додека во 2008 беа одвоени 215,000,000 денари. Во 2006 наследивме долг од 150.000.000 денари на единиците на локалната самоуправа, кој што ние како Влада го подмиривме. Затекнавме училишта со исклучена вода, струја, блокирани жиро сметки. Дали во последниве 2 години се има појавено овој проблем? Во моментот во сите средни училишта е поставена компјутерска опрема. МАКТЕЛ го доби тендерот за инсталирање на интернет конекција во училиштата. Во моментот во сите 93 средни училишта во Р.М. е поставена интернет конекција. Дали пред 2006 ја имавме оваа состојба? Дали некој до 2006 година размислувал да реализира ваков проект, за набавка на компјутери во училиштата, за подобрување на информатичко-комуникациската инфраструктура? Како дел од поставување на интернет конекцијата во сите училишта, во моментов се работи на филтрирање на забранети содржини, односно забрана на користење на несоодветни содржини од страна на учениците, како и отворање на електронска пошта на сите ученици. Со донација на УСАИД до 30.11.2008 година ќе бидат локализирани сите предвидени 43 алатки кои ќе се користат во наставниот процес. Во моментот се локализирани 40 алатки. До сега се набавени 2/3 од предвидени компјутери за основните и средните училишта, а не како што тврди СДСМ 1/3. Во текот на идната недела ќе биде отворен тендерот за набавка на преостанатата 1/3 од компјутерите. Во моментот се евалуира тендерот за набавка на 50,000 клупи и 100,000 столчиња, во рамки на проектот „Компјутер за секое дете“. Дали до сега некој има размислувано за обновување на училишните инвентари? На 14.11.2008 година Министерот оствари средба со сите директори на средните училишта, каде беа дадени насоки како да се реализира обуката на наставниот кадар за користење на компјутерите. Го повикуваме СДСМ да биде конструктивна. Министерството за образование и наука е подготвено да ги прифати добрите и конструктивни идеи, но истовремено е подготвено да се спротивстави на дезинформациите и шпекулациите кои се со политичка позадина и имаат дневно политички цели. Одделение за односи со јавност
|