Македонски Односи со јавност Активности на министерството Поздравна реч на Министерот за образование и наука, г-дин Перо Стојановски на отворањето на научниот собир „Македонскиот идентитет низ историјата“, Скопје 10.10.2008 година

Адреса

ул. Димитрие Чуповски

бр 9, 1000 Скопје

тел: +389 2 3117 288
факс: +389 2 3118 414
e-пошта: contact@mon.gov.mk

Поздравна реч на Министерот за образование и наука, г-дин Перо Стојановски на отворањето на научниот собир „Македонскиот идентитет низ историјата“, Скопје 10.10.2008 година Верзија за печатење
13.10.2008

Почитуван г-дине Глигоров, прв претседател на Република Македонија,

Почитуван ректоре Стојковски,

Почитувани проректори,

Почитуван г-дине Чепреганов, Директор на Институтот за национална историја,

Почитувани присутни,

Дами и господа,

На почетокот би сакал да се заблагодарам на поканата да присуствувам на отворањето на меѓународниот научен собир под наслов: “МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НИЗ ИСТОРИЈАТА” кој се одржува во Скопје во организација на Институтот за национална историја.

Исто така, имам навистина особена чест и задоволство што ми е дадена можноста да Ви се обратам со поздравна реч по повод отворањето на овој значаен настан, со уште позначаен и мошне актуелен наслов.

Одржувањето на овој научен собир се случува токму во време, кога кулминираат разговорите во врска со разликата за името кои се водат под покровителство на Обединетите Нации а прашањето за идентитетот доминира и е една од клучните точки во разговорите.

Токму затоа, целата на овој собир на кој учествуваат научни работници од Република Македонија и од други држави од странство е во насока да го афирмира македонскиот идентитет како засебен и самостоен, но едновремено и да го потврди како неотуѓив дел од европската и светската култура и цивилизација.

Вашето присуството и расправа за македонскиот иднтитет е извонредна можност да се разговара за неговиот историски развој од најразлични аспекти, притоа овозможувајЌи на тој начин поцелосно и подлабоко негово откривање и толкување.

Почитувани присутни,

Како што веќе знаете, Република Македонија во изминатиов период, како држава, но и македонскиот народ како ентитет, како никогаш досега, се соочија со големи искушенија и премрежја.

Од конституирањето на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, до денес, токму во овие претходно изминати месеци, никогаш толку многу не се зборувало за ова прашање. За жал, поради одредени политички причини сериозно e загрозено и доведено во опасност сé она што на ова поле беше градено во изминативе децении и векови.

Имајќи ги предвид различните теми за кои ќе се расправа овде на овој научен собир, а тоа е развојот македонскиот идентитет низ вековите, се отвора извонредна можност уште еднаш да се докаже и покаже самобитноста на македонскиот идентитет особено на сите оние кои го негираат или него го доведуваат под било каков сомнеж.

Министерството за образование и наука на Република Македонија останува силно посветено во поддршката на одржувањето на научни собири кои се од значење и се во функција на заштитата на националните интереси на Република Македонија.

Почитувани учесници на овој научен собир, би сакал искрено да Ве поздравам, да Ви посакам плодотворни дискусии и севкупна успешна работа.

Ви благодарам.