|

По покана на Генералниот Директорат за образование и култура се одржа заеднички состанок на претставниците на Министерствата за образование и Националните Темпус канцеларии, од партнерските земји, на 16-17 септември 2008 година, во Брисел. На состанокот присуствуваа г-дин Борчо Алексов, советник за високо образование и наука во Кабинетот на Министерот за образование и наука и м-р Снежана Билиќ-Сотироска, раководител на Одделението за меѓународна соработка во високото образование. Во повеќе наврати, на состанокот беше потенциран големиот број на проекти, кои беа доставени на последниот конкурс за Темпус проекти, од страна на високообразовните институции од Република Македонија, високиот квалитет на овие проекти и капацитетот на високообразовните институции, кои можат да повлечат двојно повеќе средства од доделениот буџет на ЕК за оваа програма. Ова го покажа и истражувањето на проф. Павел Згага од Универзитетот во Љубљана, кој ги презентираше резулатите од своето истражување, направено во сите региони, вклучувајќи го и Западен Балкан, каде Република Македонија е најдобра по број на пријавени и реализирани проекти. Една од активностите на Генералниот Директорат за образование и култура на ЕК е доделување на директни гранови на Министерствата за образование и наука за подршка на реформите во високото образование. Средствата ќе бидат доделувани на годишно ниво во максимален износ од 150.000 евра. Исто така, Европската Комисија ќе ги подржи и активностите на националните тимови на експерти за реформа на високото образование, т.н. Болоња промотори, со годишен буџет од 15.000 евра. Нивните активности ќе бидат насочени кон одржување на тематски семинари на сите универзитети во РМ, организација на конференции со присуство на експерти од ЕУ, подготовка и публикување на материјали за Болоњскиот процес, со цел да се приближи Болоњскиот процес до студентите и универзитетскиот кадар. Тематски приоритет за 2009 година на Европската Комисија е управувањето со Универзитетите. За таа цел ќе се посетат повеќе проекти во земјата и ќе биде направена студија за реформите на ова ниво. Одделение за односи со јавност
|