|
Министерот за образование и наука на Република Македонија, г-дин Перо Стојановски и г-дин Дарко Алексов, Извршен директор на Граѓанска асоцијација МОСТ потпишаа Меморандум за соработка на проектот Прв пат гласам. Проектот, кој се спроведува под мотото “Активните граѓани ја зајакнуваат демократијата”, е фокусиран кон едукација на лицата во Р Македонија, кои за прв пат треба да го остварат своето право на глас. Сегментите на овој проект се интерактивни работилиници и интернет страна, а за неговата реализација подготвени се брошура “Прв пат гласам” и “Лексикон на изборни термини”. При потпишувањето на Меморандумот, Министерот Стојановски истакна дека целта е матурантите да бидат едуцирани за своите права и обврски. Едукацијата ќе ја изведувааат обучени тимови од правници и новинари кои во еден училишен час ќе им ги пренесат потребните информации на идните гласачи. „Образованието нема цел да ги поткова нашите ученици само со знаење туку да ги опреми и со вештини и компетенции за тие во животот да донесуваат вистински одлуки” - рече Стојановски. “Овој проект е придонес од страна на МОСТ за подобрување на изборниот процес, преку едукација на гласачите. Истиот може да се сфати и како дел од препораките на меѓународната заедница во насока на подобри избори”- истакна Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ, и додаде: “МОСТ смета дека соработката на овој проект ќе покаже дека владиниот и невладиниот сектор во Република Македонија се спремни да го дадат својот придонес во подобрување на изборниот процес и демократијата воопшто”. Проектот Прв пат гласам се спроведува во завршните класови во средните училишта. За време на еден училишен час обучени тренери и познати личности од јавниот живот, со средношколците дискутираат на теми поврзани со изборните циклуси и нивните сегменти, процесот на денот на гласање, како и за значењето на активниот граѓанин во развојот на демократијата. Досега, во изминатите четири учебни години, МОСТ има спроведено 579 вакви работилници, на кои присуствувале повеќе од 16.000 средношколци, кои сега веќе се гласачи на изборите. Интенцијата на МОСТ е материјата која се разработува во текот на работилниците, наскоро да стане дел од редовната наставна програма. Повеќе информации за проектот може да се најдат на интернет страната www.prvpatglasam.org.mk. Извор: www.most.org.mk
|