I. СЕКТОР НАУКА И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ Науката е фактор за остварување на економскиот развој на државата, за обезбедување подобар животен стандард на граѓаните, за истражување и заштита на националниот идентитет и културното наследство на македонскиот народ и другите кои живеат во Република Македонија и за истражување и заштита на животната средина и природното наследство. Остварувањето на овие цели се темели врз неколку основни принципи: автономија, еднаквост, етичност, ефикасност и ефективност, конкурентност, кооперативност, одговорност и отчетност во науката. Подрачјата на интерес и активности во науката се: - финасирање на научно-истражувачката дејност (домашни и меѓународни проекти, програма за институти, научни кадри, научни собири, издавачка дејност, научни собири и студиски престои, научно-истражувачка опрема и др.);
- човечки ресурси во истражувачкиот сектор;
- научно-истражувачка инфраструктура (објекти, опрема, лаборатории и опитни станици, научно-технолошки информации, библиотечно-информациска дејност, реферална дејност, архивска и издавачка дејност);
- научни информации (информатичка инфраструктура, база на податоци и др.) ;
- меѓународна соработка во науката (билатерална, регионална и мултилатерална);
- поврзаност на науката со стопанството, јавниот и невладиниот сектор;
- нормативна дејност и
- институционална мрежа (МАНУ, јавни научни установи, државни и приватни високо образовни установи, истражувачки центри во стопанството, иновациони центри, центри за трансфер на технологии и др.).
II. НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТВо согласност со Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на РМ” бр.13/96) и Правилникот за утврдување на условите и критериумите за доделување на средства за поттикнување и помагање на научно-истражувачката дејност (“Службен весник на РМ” бр. 3/2005) како и расположивите средства, се реализира постапката за оценување, прифаќање за финансирање и следење на реализацијата на научно-истражувачки проекти. Се финансираат научно-истражувачки проекти на универзитетите, факултетите, јавните научни установи, другите научни установи и самостојните истражувачи, кои се регистрирани за вршење на научно-истражувачка дејност согласно Законот за научно-истражувачка дејност. Министерството за образовани и наука ги финансира следните научно-истражувачки активности: - Научно-истражувачки проекти (национални и меѓународни)
- Издавачка дејност ;
- Организирање на научни собири ;
- Учество на научни работници на научни собири во странство;
- Студиски престои во странство и престој на странски научни работници во Р.Македонија;
Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку Министерството за образование и наука. За доделување на средства за активностите под наведните точки Министерството за образование и наука има пропишано обрасци кои може да се добијат во Министерството или на веб страната www.mon.gov.mk. Во Министерството за образование и наука е формиран Совет за научно-истражувачка дејност како советодавно стручно тело на Министерот за образование и наука. ЈАВНИ НАУЧНИ УСТАНОВИЈавните научни установи-научни институти, својата дејност ја реализираат во согласност со Програмата за научно-истражувачка дејност во Република Македонија, а во согласност со Законот за научно-истражувачка дејност и Правилникот за утврдување на условите и критериумите за доделување на средства за реализација на годишните програми за работа и развој на јавните научни установи објавен во “Службен весник на РМ” бр. 23/2000 година. Со годишните програми се финансираат научно-истражувачките активности: научно-истражувачки проекти, издавачка дејност, учество на научни собири во странство, студиски престои во странство, престој на странски научни работници од странство во Република Македонија адаптација и санација на објектите во институтите, а се финасираат и плати, хранарини и превоз на вработените. Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку Министерството за образование и наука. НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКИ КАДРИМинистерството за образование и наука доделува стипендии за последипломски и докторски студии во земјата и странство во согласност со Правилникот за утврдување на услови и критериуми за доделување на средства за создавање на научно-истражувачки кадри („Службен весник на РМ“ бр. 33/ 2004 година). Бројот на корисниците на средствата за стипендии и распределбата по области и научни дисциплини се уредуваат со посебна одлука која ја донесува Министерот за образование и наука. Изборот на кандидатите се врши по пат на рангирање. Ранг листата се утврдува врз основа на постигнатиот успех од редовните студии на кандидатот. Изготвувањето на ранг листата ја врши комисија која ја назначува Министерот, а изборотот врз основа на доставената ранг листа од страна на комисијата го врши Министерот за образование и наука. Кандидатите кои не се задоволни со извршениот избор имаат право да поднесат жалба до надлежната второстепена комисија во Владата на РМ во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето. На лицата кои се корисници на стипендија во земјата и странство, доколку во текот на стипендирањето се вработат на определено или неопределено работно време, стипендијата и уписнината им се прекинуваат. Министерството за образование и наука доделува и еднократни средства за техничка подготовка и одбрана на магистерски и докторски трудови. За лицата кои се во работен однос барање за доделување на средства за изработка и одбрана на магистерски и докторски трудови поднесува институцијата. Лице кое било корисник на средства за една од намените,не може повторно да бара средства за истата намена. ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТСредства за издавачка дејност се доделуваат врз основа на Правилникот за утврдување на условите и критериумите за доделување на средства за поттикнување и помагање на научно-истражувачката дејност („Службен весник на РМ“ бр. 3/05,44/06 и 20/07), а во согласност со расположивите средства на Министерството за образование и наукa.
Средствата се доделуваат за финансирање на дел од печатарските трошоци за издавање на научни книги и научни списанија.
Право да конкурираат имаат универзитетите, факултетите, другите научни установи, самостојните истражувачи, трговските друштва чија основна дејност е издавање на книги и друштвата за наука, здруженија на граѓани, сојузи и други облици на нивно поврзување.
Средствата за финансирање на научните книги се доделуваат по пат на јавен конкурс кој се објавува во јавните гласила.
Авторот на научната книга треба да има формална квалификација за самостојна научна работа, односно научно звање-доктор на науки или магистер.
Средствата за финансирање на научните списанија се доделуваат по пат на јавен конкурс кој се објавува во јавните гласила.
Научното списание за кое се доделуваат средства потребно е да ги исполнува следниве услови:
- да објавува научни прилози на автори од Република Македонија;
- во составот на уредувачкиот одбор на научното списание да учествуваат истакнати научни работници од Република Македонија.
НАГРАДА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“Министерството за образование и наука, во согласност со Законот за државни награди ("Службен весник на РМ" бр.52/2006), ја реализира постапката за доделување на Државната награда "Гоце Делчев" со која се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на државата од областа во науката. Наградата ја доделува Одбор кој го именува Собранието на Република Македонија. III. ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈАктивностите од доменот на технолошкиот развој опфаќаат: - применети и развојно-истражувачки проекти;
- иновациски проекти;
- технолошка инфраструктура.
Активностите се остваруваат во насока на: - поттикнување и поддршка на соработката на релација универзитети-стопанство;
- интензивирање на користењето на истражувачките резултати во стопанството;
- унапредување на технолошкиот капацитет на претпријатијата заради зголемување на нивната конкурентност на пазарот;
- поттикнување на инвентивното творештво;
- поддршка на постојната и развој на нова технолошка инфраструктура.
Применети и развојно-истражувачки проекти МОН објавува годишен јавен конкурс за софинансирање на применети и развојно-истражувачки проекти, кои се во функција на поттикнување и помагање на технолошкиот развој. Цел на проектите: - развој на нови сопствени производи и технологии;
- подобрување на постојни технологии и технолошки процеси;
- подобрување на квалитетот на живеење од аспект на хуманизација на трудот и заштитата на човековата околина;
- изградба на неопходна технолошка инфраструктура или подобрување на постојната.
Услови за поднесување предлог-проект за добивање средства за софинансирање: - право на користење на средства за поттикнување и помагање на технолошкиот развој имаат субјектите на технолошкиот развој: трговски друштва, истражувачко-развојни организации, јавни научни установи-институти, иновациски центри, технолошки јадра и центри за трансфер на технологија, здруженија на граѓани чија дејност опфаќа иноваторство и технички унапредувања и други правни и физички лица кои остваруваат активности во функција на технолошкиот развој;
- предложените проекти треба да претставуваат заеднички интерес на нивните носители и научно-истражувачките институции и да се кусорочни;
- носителот на проектот, со посебна одлука треба да ја утврди висината на финансиски средства со кои ќе учествува во реализацијата на проектот;
- МОН ги софинансира избраните проекти со износ од најмногу 30% од вкупната цена на чинење на проектот;
- предложените проекти подлежат на експертско оценување.
Иновациски проекти МОН го поттикнува и помага и иновативното творештво. Конкурсот за поднесување предлози на иновациски проекти (до фаза на изработка на прототип) е постојано отворен. Предлог-проектите подлежат на експертско оценување, а на избраните проекти им се доделува финансиска поддршка во износ од најмногу 30% од вкупната цена на чинење на иновацискиот проект. Технолошка инфраструктура Технолошката инфраструктура ја сочинуваат: иновациски центри, центри за трансфер на технологија, технолошки јадра и технолошки паркови, како фактори кои го поттикнуваат и интензивираат технолошкиот развој на државата. IV. ТЕХНИЧКА КУЛТУРА Програми за работа и проекти за техничка култура Техничката култура ја остваруваат носители на дејноста на кои им е доверено вршење на јавно овластување од МОН. Јавно овластување се доверува доколку: - природата и областа на активност е техничката култура;
- активноста дава придонес за пошироката јавност и овозможува користење на услуги;
- располага со соодветен организационен капацитет за реализирање на дејноста ( материјално технички и кадровски услови);
- искуството во техничката култура е над три години;
Програмите за работа и проекти за техничка култура се реализираат во домовите за техничка култура во: Берово, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Неготино, Прилеп, Ресен, Скопје, Струмица, Тетово, Штип и во домот на Републичката организација на народна техника во Скопје. Домовите за техничка култура располагаат со: кабинети, лаборатории, работилници и опрема за различни видови технички активности. Програмите за работа опфаќаат активности на: - млади техничари и природници;
- млади истражувачи;
- фото клубови;
- кино клубови;
- радиоаматери;
- пронаоѓачи и автори на технички унапредувања;
- астронаутички, ракетни и бродомоделарски организации;
- клубови за подводни активности;
- здруженија за техничка култура во стопанството;
- наставници и професори по техничко образование;
Министерството за образование и наука, во техничката култура софинансира: - меѓународни манифестации;
- државни манифестации;
- регионални манифестации;
- општински и клубски манифестации;
Материјални трошоци за техничка култура - МОН наменува средства за остварување на програмските активности на носителите на дејноста во согласност со реалните потреби.
Инвестиции во објекти и набавка на опрема - МОН наменува средства за инвестиции во домовите за техничка култура кои се однесуваат за реконструкција и санација на објектите и нивно опремување со современа информатичко-сметачка опрема, мерни инструменти и уреди, телекомуникациони релејни уреди и др.
V. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ВО НАУКАТА И 7-та РАМКОВНА ПРОГРАМА Активностите во меѓународната соработка вклучуваат меѓународна билатерална и мултилатерална соработка во областа на науката. а) Билатерална соработка Склучени се спогодби и извршни програми за билатерална соработка со земјите од регионот, европскиот и воневропскиот регион во кои се утврдени областите, формите и условите на соработка од заеднички интерес. Во рамките на извршните програми се реализираат проектни активности и стипендирање на стручњаци на реципрочна основа во области од заеднички интерес. Потпишани се спогодби на нашата земја со: Руската Федерација, Република Словенија, Република Турција, САД, Народна Република Кина, Република Хрватска, СР Србија и Црна Гора, Египет, СР Германија, Украина, Република Италија, Република Белорусија, Република Албанија, Република Бугарија, Државата Израел, Кралството Шпанија, Република Унгарија и со УНМИК (Привремена мисија на Обединетите нации во Косово). Во постапка е потпишување на билатерални протоколи за соработка во областа на науката и образованието со Федерацијата на Босна и Херцеговина, Романија, Португалија, Словачка, НР Кина, Катар, Кувајт, Обединети Арапски Емирати и Мексико. Во билатералната соработка посебно место има соработката со Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА). б) Мултилатерална соработкa Седмата Рамковна Програма за истражување и развој (FP-7) е објавена на веб страната на Европската Комисија и е достапна за научно-истражувачката јавност во Република Македонија. Повеќе информации на: www.cordis.europa.eu/fp7/ COST (Соработка на полето на науката и технологијата во Европа) COST се реализира во рамките на проекти, т.н. COST Акции, во 16 научни области, преку координација на националните истражувања, поделба на резултатите помеѓу земјите учеснички, делотворно известување и можност за секоја поодделна земја да го фокусира проблемот во согласност со своите посебни интереси. Повеќе информации на : www.cost.esf.org
SEE ERA NET - поврзување во мрежа на европската истражувачка област и земјите од Југоисточна Европа е резултат на иницијативата на Центарот за социјални иновации (ЦСИ) од Виена - Австрија, во конзорциум со Германија, Франција,, Унгарија, Словенија, Бугарија, Грција и земјите на Западен Балкан - Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија. На предлог на Грција, покрената е иницијатива за прием на Србија и Албанија. SEE ERA - NET има за цел структурирање и проширување на ERA (Европска истражувачка област) на земјите на Западен Балкан преку координација и поддршка на истражувачките активности (RTD) кои се водат на ниво на билатерална соработка SEE ERA - NET има улога во зајакнувањето на меѓурегионалната соработка на земјите на т.н. Западен Балкан со ЕУ земјите, придружнички и земјите кандидати за поголемо вклучување на овие земји во активностите на RTD на европско ниво. SEE ERA - NET треба да придонесе во реализацијата на Акциониот план за Балканските земји, усвоен на Министерската конференција во Солун во 2003 година. Повеќе информации на : www.see-era.net c) Меѓународна агенција за атомска енергија (ИАЕА) Соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија се одвива преку Одделението за техничка помош, а целосно ја координира Канцеларијата за врски со IAEA Целта на проектната соработка е унапредување на радијационата заштита преку обезбедување на опрема, експертска помош и едукација. Учесници во оваа соработка се институции кои работат со извори на јонизирачко зрачење во медицината, ветерината, земјоделието и индустријата. Во секој проектен циклус се предлагаат национални проекти, а постои и можност за учество во 20 регионални проекти. Повеќе информации на: www.iaea.org d) UNESCOПреку UNESCO се остварува проектна соработка во областа на образованието и науката. Повеќе информации на: www.unesco.org e) НАТО - Програма за наука: Наука за мир и безбедност Република Македонија учествува во НАТО Програмата за наука како земја партнер во проекти, реинтегративни грантови, работилници, итн. Повеќе информации на: www.NATO.int/science VI. НОРМАТИВНИ АКТИ - Закон за научно-истражувачка дејност ("Сл. весник на РМ" бр. 13/96 и 29/02)
- Закон за поттикнување и помагање на технолошкиот развој (,,Сл. весник на РМ,, бр.98/2000)
- Закон за поттикнување и помагање на техничката култура (,,Сл. весник на РМ,, бр.53/2000)
- Правилник за утврдување на условите и критериумите за доделување средства за поттикнување и помагање на научно-истражувачката дејност, ("Сл. весник на РМ" бр. 3/05)
- Правилник за утврдување на условите и критериумите за доделување на средства за реализација на годишните програми за работа и развој на јавните научни установи, ("Сл. весник на РМ" бр. 3/05)
- Правилник за условите, критериумите и начинот на користење на средствата за поттикнување и помагање на технолошкиот развој (,,Сл.весник на РМ,, бр.49/2001)
- Правилник за критериумите за доделување средства за остварување на програмите за работа, односно проектите во областа на техничката култура (,,Сл.весник на РМ,, бр.31/2001)
|