|
ТЕХНИЧКА СОРАБОТКА СО МЕЃУНАРОДНАТА АГЕНЦИЈА ЗА АТОМСКА ЕНЕРГИЈА (МААЕ) И ЈАПОНСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА (JICA) Техничката соработка (technical assistance), во форма на неповратна помош, на Република Македонија и се нуди од страна на меѓународни организации или земји донатори. По начинот на договарање и реализацијата, таа се разликува од соработката во областа на науката за која Министерството за образование и наука склучува билатерални спогодби, со обврска за финансирање на реципрочна основа. Техничката помош што ја даваат МААЕ и JICA се реализира во континуитет од 1996 год. и бележи постојана нагорна линија. Истата се операционализира преку Канцеларијата за врски со МААЕ i JICA, која делува интер-ресорски како официјален национален партнер на одделенијата за техничка соработка на овие агенции. Поради обемот на помошта и динамиката на активностите, овој национален focal point има третман од овие две агенции на Канцеларија за врски, а досегашната успешна реализација ја следат Министерството за надворешни работи и Постојаната мисија на Република Македонија при меѓународните организации во Виена. Поради технологијата на работата и корисниците на оваа техничка помош (исти или слични субјекти) координирањето на активностите од една канцеларија се покажа како многу ефикасно, за што има потврди и од странските партнери. Странските партнери прифаќаат исклучиво ваков вид на тимска работа, што им обезбедува перманентен работен контакт, што не е случај кога извршителите независно еден од друг функционираат. Преку оваа своја работна единица, Министерството за образование и наука, во однос на другите министерства, претставува субјект во чии рамки се врши планирање, координација и имплементација на оваа техничка помош во разни сектори на општеството, што подразбира комплетен проектен менаџмент. Планирањето на проектните циклуси за потребите на секторите во земјата (образование, здравство, стопанство, земјоделие, животна средина, индустрија) го врши Канцеларијата во соработка со експертски мисии за формулација на проекти на овие две агенции. За таа цел координаторите од Министерството стекнале обука во рамки на програмите на МААЕ и JICA. Оттука фактот дека сите досега предложени проекти беа прифатени за финансирање, а буџетот за тековниот проектен циклус 2003-2004 е за 300% поголем од досегашниот. Од друга страна, поради активностите кои произлегуваат од обврската за хармонизација на националната легислатива со Меѓународните стандарди за заштита од јонизирачко зрачење и Европските директиви (член 104 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ), Канцеларијата координира цела низа на активности во домашни рамки (изработката на новиот Закон и законски под-акти и негово ставање во функција, изработка на радиолошка карта на Република Македонија, обука на стручњаци за медицинска и индустриска радиографија, безбедно складиштење на искористени извори итн.). За нагорниот тренд на овој вид соработка говорат следниве податоци: - Со МААЕ се реализирани (или се во тек на реализација) вкупно 13 национални проекти, Република Македонија активно учествува во 5 регионални проекти на МААЕ, а самата координира регионален проект финансиран од МААЕ (Табела во прилог), реализирани се 60 експертски мисии во рамки на проектите, 15 научни посети на наши експерти, 80 стручњаци на студиски престои и обука во странство и 230 стручњаци обучени во рамките на национални тренинг курсеви);
Како потврда на успешната соработка со МААЕ, добиени се и донации надвор од планираните проекти ( две гама камери на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, а со сопствена контрибуција од 300.000 УСД од Министерството за здравство беше заменет стариот кобалт апарат за зрачна терапија на Институтот за радиотерапија и онкологија, чија комерцијална вредност изнесува 2 мил. УСД. На истиот начин, со контрибуција од 50.000 УСД постои можност да се обезбеди апарат за брахитерапија кој е компатибилен со новата акцелераторска линија на овој институт, а вредноста е повекекратно поголема. Вкупната вредност на техничката помош изнесува сса 10 милиони долари во опрема, експертски услуги и тренинг. - Со JICA се реализирани две развојни студии (Интегрален развој на водените ресурси во Република Македонија и Мониторинг на загадувањето на воздухот во Скопје), остварени се бројни експертски мисии и упатени 143 стручњаци од различни области на тренинг во Јапонија. На наша иницијатива, оваа година за прв пат е воведен и проектен тип на соработка (Преглед на предложени проекти во прилог).
Вкупната вредност на оваа техничката помош (не вклучувајќи го грантот за здравствениот сектор и неповратната помош реализирана преку МНР во различни сектори) изнесува 4 милиони долари. Активности до декември 2003 - Експертски мисии во врска со имплементацијата на тековните проекти на МААЕ и пред-проектна мисија за евалуација на проектите кои треба да бидат доставени до МААЕ до 31.12.2003, за проектниот циклус 2005-2006 год.
- Редовно упатување на наши стручњаци во рамки на програмите за обука на МААЕ и JICA.
Перспективи и планови за 2004 - Ќе продолжи имплементацијата на проектите на МААЕ од циклусот 2003-2004
- Ќе се организира тренинг курс во рамки на Регионалниот проект за бруцелоза со учество на 12 земји.
- Ќе се организираат три национални курсеви за обука на лица одговорни за заштита од јонизирачко зрачење во медицина и индустрија, обука на царински и полициски службеници за превенција на недозволена трговија со радиоактивни и нуклеарни материјали и обука на лица за безбедно симнување на радиоактивните громобрани.
- Ќе продолжи работата на изработка на под-законските акти за доследна имплементација на нвиот Закон за заштита од јонизирачко зрачење
- Ќе се реализира експертска мисија на JICA за евалуација на предложените проекти, верификувани од страна на Одделението за координација на странска помош при Владата на РМ.
- Ќе бидат упатени 28 наши стручњаци на обука во Јапонија.
Проектни активности со меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Проектни активности со јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA)
|