|
Врз основа на член 38 став 2 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07 и 49/07) и член 20 став 3 од Законот за стручното образование и обука (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.71/06), министерот за образование и наука донесe ПРАВИЛНИК за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државна матура во гимназиското и во средното стручно образование(објавен во ,,Службен весник на Република Македонија,, бр.140/07) I. ОПШТИ ОДРЕДБИ Член 1 Со овој правилник се уредуваат начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура во гимназиското образование и во средното стручно образование. Член 2 Државната матура во гимназиското и во средното стручно образование (во натамошниот текст: државна матура) е испит со кој ученикот (во натамошниот текст: кандидатот) го завршува гимназиското образование, односно стручното образование со четиригодишно траење (во натамошниот текст: стручно образование). Државна матура може да полага кандидат кој ја завршил последната година на гимназиското образование, односно стручното образование. Државна матура може да полага и кандидат кој претходно положил училишна матура во гимназиското образование, училишна матура во средното уметничко образование или завршен испит во стручното образование. Државна матура може да полага и кандидат кој завршил четиригодишно средно образование во странство и се здобил со нострифицирана диплома. Член 3 Кандидатите со посебни образовни потреби кои следат настава во гимназиско образование или во стручно образование полагаат прилагодена државна матура согласно овој правилник, што им овозможува полесно да ги искажат своите знаења и способности. Член 4 Државната матура се полага согласно утврдената структура и начин во Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавно средно образование (во натамошниот текст: Концепција). Член 5 Државната матура во гимназиското образование се состои од: Задолжителен дел - еден наставен предмет; Изборен дел - три општообразовни наставни предмети; Проектна задача од еден наставен предмет или од една образовна област. Кандидатот, покрај трите наставни предмети, може да избере да полага и уште најмногу други два наставни предмети од листата на предмети за изборниот дел. Член 6 Државната матура во стручното образование се состои од: Задолжителен дел - еден наставен предмет; Изборен дел - три наставни предмети од кои два општообразовни наставни предмети, а третиот е стручен предмет; Проектна задача од еден наставен предмет или од една образовна област. Кандидатот, покрај трите наставни предмети, може да избере да полага и уште најмногу други два наставни предмети од листата на предмети за изборниот дел. Член 7 Проверувањето и оценувањето на знаењата и способностите на кандидатите по наставните предмети од задолжителниот дел и од изборниот дел од државната матура за гимназиското образование, како и од задолжителниот дел и од двата општообразовни изборни предмети од изборниот дел за стручното образование се врши екстерно (во натамошниот текст: екстерен дел од испит, односно екстерен испит). Проверувањето и оценувањето на екстерните делови од испитите и екстерните испити го вршат надворешни оценувачи. Проверувањето и оценувањето на знаењата и способностите на кандидатите за „Говорење” во мајчините јазици и „Зборување” во странските јазици, како и на испитите од стручниот предмет во стручното образование се врши интерно (во понатамошниот текст: интерен дел од испит, односно интерен испит). Проверувањето и оценувањето на интерните делови од испитите и интерните испити се врши од страна на училишните предметни комисии. Проверувањето и оценувањето на проектната задача во гимназиското образование и во стручното образование се врши интерно пред соодветна комисија од училиштето. Член 8 Во спроведувањето на државната матура учествуваат локални координатори и тестатори, согласно одредбите на овој правилник. II. СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Член 9 Кандидатот кој за прв пат полага државна матура ја полага во целина во истиот испитен рок. Испитите од државната матура кои кандидатот не ги положил, ги полага во наредниот испитен рок. Кандидатот со посебни образовни потреби може државната матура да ја полага на делови ( во јуни и во август). Наставниот предмет кој се полага во рамките на државната матура е целина (се однесува на наставен предмет кој се состои од два дела). Државната матура се полага во два испитни рока: јунски и августовски испитен рок. Во августовскиот испитен рок полагаат оние кандидати кои во јунскиот испитен рок не положиле дел или сите испити од државната матура или од оправдани причини не полагале државна матура или дел од државната матура во јунскиот испитен рок. Член 10 Екстерните испити и екстерните делови од испитите сите кандидати во државата ги полагаат на ист датум и во исто време, согласно Календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта. Интерните делови од испитите и интерните испити се спроведуваат во термини утврдени од училишната матурска комисија (во понатамошниот текст: УМК) на предлог на соодветните училишни предметни комисии согласно Календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта. Проверувањето и оценувањето на проектните задачи се спроведува во термините утврдени од УМК на предлог на соодветните училишни комисии за проектни задачи. Член 11 Термините за полагање на испитите од државната матура се објавуваат на училишната огласна табла најдоцна еден месец пред почетокот на полагањето на државната матура. Член 12 Кандидатот во еден ден може да полага најмногу еден испит. Испитите од државната матура може да се спроведуваат и во сабота. III. ПРИЈАВУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Член 13 За полагање на државна матура во јунската испитна сесија кандидатот се пријавува со поднесување на пријава во училиштето каде што е запишан, најдоцна до 31 декември во тековната учебна година. Податоците за пријавените кандидати од страна на УМК се внесуваат во базата на податоци за државна матура (во понатамошниот текст: база на податоци) во Бирото за развој на образованието (во натамошниот текст: Бирото) најдоцна до 31 јануари. За пријавените кандидати Бирото доставува податоци до УМК најдоцна до 15 февруари. УМК доставува потврдени списоци со податоци за пријавените кандидати до Бирото најдоцна до 1 март. За полагање на државна матура во августовската испитна сесија кандидатот се пријавува со поднесување на пријава во училиштето каде што е запишан, во рок од два дена по објавувањето на конечните резултати од јунскиот испитен рок. Податоците за пријавените кандидати од страна на УМК се внесуваат во базата на податоци во Бирото во рок од три дена по завршеното пријавување. За пријавените кандидати Бирото доставува податоци до УМК во рок од пет дена по завршениот внес на податоци. УМК доставува потврдени списоци со податоците за пријавените кандидати до Бирото во рок од пет дена по добивањето на податоците за пријавените кандидати. За кандидатите кои од оправдани причини полагаат дел од испит или испит во августовската сесија важат роковите од став 5 од овој член. Член 14 Вонредните кандидати се пријавуваат во она училиште кое изведува наставен план и програми по кои претходно се образувале. Вонредните кандидати се пријавуваат согласно роковите за пријавување од став 1 и став 5 на член 13 од овој правилник. Член 15 Кандидатот кон пријавата приложува свидетелство за завршена прва, втора, трета и четврта година на образованието како доказ за исполнување на условите за полагање на државна матура, најдоцна десет дена пред започнувањето на јунската испитна сесија. Кандидатите кои полагаат прилагодена државна матура, заедно со пријавата приложуваат наод и мислење од соодветна установа за степенот на способноста. Ако кандидатот од став 1 и став 2 на овој член не приложи докази за исполнување на условите за полагање на државна матура, или од доказите произлезе дека не ги исполнува пропишаните услови нема да може да полага државна матура. Член 16 Ако кандидатот од оправдани причини, согласно овој правилник, не го пријавил навреме испитот, го прекинал полагањето или не може да полага државна матура, УМК врз основа на писмените докази може да му овозможи во истата испитна сесија да полага или да го продолжи полагањето на испитот. Случаите од став 1 од овој член не се однесуваат на екстерните испити. Член 17 Оправдани причини за ненавремено пријавување за полагање државна матура може да бидат: - кандидатот во тековната година се школувал во странство (доказ - нострифицирано свидетелство за завршена четврта година); - во времето на пријавување кандидатот бил болен (доказ - потврда од соодветна установа); - пријавата била испратена по пошта и задоцнила или е изгубена (доказ - потврда за испратена препорачана пратка); - други причини со соодветни докази за кои комисијата ќе утврди дека се оправдани. Оправдани причини за неучество или прекинување на испит или државна матура се: - болест или лекување; - вонредни околности: природни несреќи, несреќен случај на кандидатот или член во потесното семејство, сообраќајна несреќа со потешки последици, влошување на здравствената состојба меѓу испитите и др.; - други оправдани причини (меѓународни натпревари, конкурси, јавни настапи во странство и слично). IV. ПОЛАГАЊЕ НА ИСПИТИ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Член 18 Државните матурски предметни комисии за секоја учебна година, за екстерните испити подготвуваат испитни задачи доволно за најмалку три испитни комплети. Претседателите на државните матурски предметни комисии, од испитните задачи, подготвуваат три испитни комплети, во кои се содржи тест за јунскиот испитен рок, тест за августовскиот испитен рок и резервен тест. Секој испитен комплет за екстерниот испит се состои од тест, листи за одговори и упатство за оценување. Испитните комплети по соодветните предмети претседателите на државните матурски предметни комисии ги доставуваат до Бирото. Еден ден пред започнувањето на испитот по одреден предмет Бирото го доставува тестот (со листата за одговори) по тој предмет во потребен број на примероци до претседателот на УМК. Училишната предметна комисија за секој испитен рок подготвува по два испитни комплети за интерниот испит врз основа на испитната програма по соодветниот предмет. Претседателот на училишната предметна комисија испитните комплети ги доставува до претседателот на УМК, три дена пред започнувањето на испитот. Еден испитен комплет за интерниот испит се состои од тест, упатство за оценување и скали за претворање на бодовите во оценки. Претседателот на УМК се грижи за заштита на тајноста на испитниот материјал и за обезбедување на потребниот број тестови и упатства за оценување. Член 19 Државната матура кандидатот ја полага во училиштето во кое ја завршил последната година на образованието. За екстерните испити за кои бројот на пријавените кандидати од училишетето е помал од 15, може да се спроведе полагање на тие испити во друго училиште определено од Бирото. Член 20 Кандидатот најдоцна еден месец пред почнувањето на јунската испитна сесија се запознава со постапките за спроведување на испитите. Претседателот на УМК се грижи за правилно и навремено информирање на кандидатите. Член 21 Екстерниот испит по одреден предмет кандидатите го полагаат на ист датум и во исто време во сите училишта во државата согласно Календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта. Термините за полагање на интерните испити и одбраната на проектната задача се определени од страна на УМК во согласност со Календарот за организација на учебната година во јавните средни училишта и насоките дадени во испитните програми. Времетраењето на секој испит е утврдено со испитната програма. За текот на испитот се води записник. Член 22 Кандидатот полага државна матура во истата учебна година во училиштето во кое е запишан и завршил четврта година од средното образование. Кандидатот кој ја завршил четвртата година, а не положил државна матура може да полага државна матура во наредните учебни години во училиштето во кое ја завршил четвртата година. На кандидатите кои претходно положиле училишна матура во гимназиско образование, училишна матура во средно уметничко образование или завршен испит во стручно образование, а наредните учебни години полагаат државна матура, за положени им се признаваат интерниот дел по испитот од задолжителниот дел, проектната задача, како и интерните испити по стручните предмети кои се засновани на истата испитна програма. Член 23 Во исклучителни случаи на спреченост на започнување на екстерниот испит во определеното време, УМК може да го одложи започнувањето на испитот најмногу до 30 минути и за тоа се известува Бирото. Во случај на непредвидени околности пред започнувањето на испитот, на предлог на Бирото, Државниот матурски одбор може да одлучи во училиштето испитот да започне со задоцнување поголемо од 30 минути од однапред определеното време. Во случаите од став 2 и од став 3 на овој член тестаторот се грижи кандидатите да не ја напуштат просторијата во која се распоредени. Член 24 За кандидатите кои полагаат писмен екстерен испит, распоредот на кандидатите по простории се подготвува од Бирото. Податоците за распоредот на кандидатите по простории се објавуваат од УМК на училишната огласна табла или на друго видливо место достапно за кандидатите еден ден пред почетокот на испитот. Податоците за распоредот на кандидатите по простории до нивното објавување на огласна табла се чуваат во тајност. УМК, за интерните писмени испити, најдоцна една седмица пред испитот прави распоред на кандидатите по простории. Распоредувањето на кандидатите по простории се прави по азбучен ред од сите кандидати кои што полагаат државна матура. Списоците за распоредот на кандидатите по простории за секој испит посебно се објавуваат од УМК на училишната огласна табла или на друго видливо место достапно за кандидатите еден ден пред испитот. Член 25 Кандидатите треба да бидат пред просторијата во која се полага екстерниот испит најмалку 45 минути пред започнувањето на испитот. Кандидатот кој задоцнил на екстерниот, односно интерниот испит повеќе од петнаесет минути од почнувањето на испитот не може да го полага испитот во таа сесија. Просториите во кои се полага испитот треба да бидат подготвени за полагање најмалку дванаесет часа пред започнувањето на испитот. Од просториите треба да бидат отстранети сите наставни средства и учебни помагала. За секој кандидат се обезбедува клупа и стол. Растојанието меѓу двајца кандидати не треба да биде помало од 1,5 метри. Сите клупи треба да бидат свртени во иста насока. УМК, најдоцна една седмица пред интерниот испит прави распоред на тестаторите по простории. За секои 15 кандидати се определува по еден тестатор. Просториите во кои се полага испитот треба да бидат доволно пространи, светли и прегледни. Кандидатот со себе треба да има документ за идентификација - лична карта. Доколку кандидатот не е полнолетен со себе треба да има ученичка книшка со фотографија. На кандидатот кој заборавил да понесе со себе документ за идентификација, му се овозможува да го полага испитот. Потоа резервниот тестатор (кој ги проверува документите за идентификација) го известува претседателот на УМК. Претседателот на УМК стапува во контакт со родителите/старателите на кандидатот со барање потребниот документ да го достават најдоцна 30 минути пред завршување на испитот. Во спротивно, испитот на кандидатот не му се признава. Кандидатите со себе треба да носат прибор за пишување (пенкало кое пишува сино) и други средства кои се предвидени со испитната програма за соодветниот предмет. Кандидатите во испитната просторија не смеат да внесуваат лични предмети. Член 26 Тестаторот го отвора запечатениот испитен материјал пред кандидатите. Кандидатите треба да ги слушаат насоките на тестаторот, да работат самостојно и да не се договараат меѓусебно. Секое отстапување од наведеното значи нарушување на испитниот ред. Освен кандидатите и тестаторите, на испитот може да присуствуваат и други лица кои имаат писмена дозвола од Бирото, од Државниот матурски одбор или од Државниот просветен инспекторат. Лицата од став 3 на овој член може да го следат целиот тек на испитот или дел од испитот. За време на испитот кандидат може да ја напушти просторијата, но не повеќе од пет минути, заедно со еден од резервните тестатори. Просторијата не може да ја напушти повеќе од еден кандидат во исто време. Првите триесет минути од почетокот на испитот и последните петнаесет минути пред крајот на испитот кандидатот не може да ја напушти просторијата. Кандидатот може во секое време (освен времето наведено во став 6 од овој член) да го заврши испитот и после предавањето на испитниот материјал на тестаторот може да ја напушти просторијата. Кандидатот кој нема документ за идентификација останува во испитната просторија до крајот на испитот заради дополнителна идентификација. Испитот завршува во точно предвиденото време, согласно времетраењето на испитот. По завршувањето на испитот, тестаторот ги проверува, пакува и предава испитните материјали согласно добиеното упатство. Тестаторот подготвува извештај за целиот тек на испитот и пополнува соодветни формулари. Член 27 За секој интерен испит или дел од испит интерно спроведен, се води записник. Спроведувањето на усмениот дел од испитите е во согласност со насоките дадени во испитните програми. Член 28 Темата за проектната задача кандидатот може да ја предложи сам, или во консултација со наставникот-ментор. Проектната задача кандидатот ја подготвува самостојно воден од наставник - ментор. Член 29 Роковите за проектна задача се: - најдоцна до крајот на септември во учебната година кандидатот определува наставен предмет или област по кои ќе изготвува проектна задача; - најдоцна до крајот на октомври во учебната година во која полага државна матура кандидатот избира тема за проектна задача, со право да избере тема до крајот на ноември доколку предметот го изучува во четврта година; - најдоцна до крајот на март во учебната година во која се полага државната матура, кандидатот предава три примероци од пишаниот дел и еден примерок од изработениот продукт/творба од подготвената проектна задача до УМК. Член 30 Презентацијата и одбраната на проектната задача, се врши пред соодветна комисија. За еден кандидат времетраењето на презентацијата и одбраната на проектната задача е најдолго дваесет минути. V. ДРЖАВЕН МАТУРСКИ ОДБОР И КОМИСИИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Член 31 Државниот матурски одбор ги врши работите во врска со усогласување на подготовките за спроведувањето на државната матура, а особено: -разгледува документи за организирање и спроведување на државната матура; -разгледува годишни извештаи за спроведените матурски испити во гимназиското образование и во стручното образование; -предлага прагови на положеност за испитите кои се полагаат екстерно; и -врши други работи кои се во функција на унапредување на државната матура во гимназиското образование и во стручното образование. Член 32 Државните матурски предметни комисии формирани од директорот на Бирото се составени од претседател и најмалку два члена. Претседателот, по правило, е од редот на наставно-научниот кадар од универзитетите во Република Македонија, едниот од членовите е советник во Бирото, а другите членови се од редот на стручни лица од соодветниот наставен предмет. Државна матурска предметна комисија се формира за секој од испитите во задолжителниот дел и изборниот дел од државната матура. За проектната задача се формира државна матурска комисија за проектна задача составена од претседател и најмалку два члена од редот на соодветни стручни лица. Член 33 Државната матурска предметна комисија за испитите кои се полагаат екстерно: - изготвува испитна програма за соодветниот предмет; - предлага измени и дополнување на испитната програма; - изготвува испитни задачи со упатства за нивно оценување; - учествува во усовршувањето на упатството за оценување; - учествува во одредување на прагот на положеност на испитот и во утврдување на границите на оценките; - предлага праг на положеност и скали за претворање на бодовите во оценки за соодветниот испит до Државниот матурски одбор; - учествува во обуката на оценувачите; - учествува во усовршувањето на наставниот кадар и другите стручни работници во функција на државната матура; - изготвува анализи за резултатите од државната матура по соодветен наставен предмет; и - врши други работи по барање на Државниот матурски одбор и Бирото. Државната матурска предметна комисија за деловите од испитите, односно за испитите кои се полагаат интерно: - изготвува испитна програма по соодветниот предмет; - предлага измени и дополнување на испитната програма; - учествува во усовршувањето на наставниот кадар и другите стручни работници во функција на матурскиот испит; - и врши други работи по барање на Државниот матурски одбор и Бирото. Член 34 УМК е составена од: претседател, заменик на претседателот, секретар и двајца членови. Претседател на УМК, по правило, е директорот на училиштето. Заменикот на претседателот, секретарот и членовите на УМК, се именуваат од директорот по предлог на наставничкиот совет на училиштето, на почетокот на учебната година за периодот од 1 октомври во тековната до 30 септември наредната учебна година. Составот на УМК се објавува на огласната табла во училиштето најдоцна до крајот на септември во тековната учебна година. Административно – организациските работи на УМК ги извршува секретарот. Во училиштата каде постојат паралелки од гимназиско образование и стручно образование, како и во училиштата лоцирани во различни објекти на различни локации, бројот на членови на УМК, по потреба, може да се зголеми за уште два члена. Член 35 УМК: - соработува со Бирото во врска со подготовување, организирање и спроведување на државната матура; - го подготвува полагањето на државната матура во училиштето, согласно овој правилник; - го умножува испитниот материјал за интерните испити и се грижи за тајноста на испитните материјали; - определува училишни предметни комисии за деловите од испитите коишто се полагаат интерно, за испитите коишто се полагаат интерно, како и за проектните задачи; - определува тестатори за писмените испити и распоред на тестаторите по простории за интерните испити; - ги потврдува проектните задачи на кандидатите и ги потврдува или определува наставниците-ментори; - го организира полагањето на државната матурата во училиштето и ги обезбедува условите за спроведување на матурата; - ги прифаќа пријавите на кандидатите за полагање државна матура; - ги евидентира пријавите на кандидатите за кои е потребно прилагодување на државната матура; - за кандидатите за кои е потребно прилагодување на државната матура се грижи да обезбеди посебни услови за полагање на испитите, соодветно на потребите на секој кандидат; - прави распоред (список) на кандидатите по простории за спроведување на интерните испити; - ги определува термините за интерните испити; - го објавува распоредот за сите испити; - одлучува за приговорите на кандидатите за интерниот дел од задолжителниот испит, интерниот испит односно за проектната задача; - одлучува за приговорите на кандидатите кои го нарушиле испитниот ред; - подготвува извештаи за резултатите од испитите; - одлучува за оправданоста за ненавремено пријавување за државна матура; - за кандидатот кој не учествувал на интерен испит или на дел од испит, одлучува за понатамошната постапка; - извршува други задачи доделени од Државниот матурски одбор или Бирото. Член 36 Училишната предметна комисиија, по правило, е составена од претседател и двајца членови. Претседателот и членовите на училишните предметни комисии се именувани од директорот по предлог на наставничкиот совет, за време од 1 октомври во тековната до 30 септември наредната учебна година. Во училишните предметни комисии, најмалку еден член е наставник по соодветниот предмет, а доколку тоа не може да се обезбеди, член на комисијата може да биде и наставник од друго училиште кој ги исполнува условите за наставник по тој предмет. Член 37 Училишната предметна комисија по интерниот испит, односно инерниот дел од испитот: - составува испитен материјал за интерните испити, односно инерниот дел од испитот (испитни прашања, упатство за оценување и скали за претворање на бодовите во оценки); - го спроведува усниот дел од испитот, односно одбраната на проектната задача; - ги прегледува и оценува одговорите на кандидатите од интерниот писмен испит, односно инерниот дел од испитот; - изготвува список со резултатите на кандидатите и го доставува до претседателот на УМК; - извршува други задачи во врска со испитот или делови од испитот по соодветниот предмет. По потреба за еден предмет во училиштето може да се формираат повеќе предметни комисии. Член 38 Комисијата за проектната задача ја сочинуваат: наставникот - ментор и двајца наставници по соодветниот или сроден наставен предмет, односно област. Претседателот и членовите на комисијата за проектна задача се именувани од директорот по предлог на наставничкиот совет. Претседател на комисијата за проектна задача не може да биде наставникот-ментор. Претседателот на комисијата се грижи за правилно изведување на испитот и води записник. Член 39 Локалните координатори се задолжени за пријавување до Бирото на потребниот број на тестатори, како и за обука на теастаторите. Тестаторите за екстерните испити се определуваат и обучуваат од Бирото. Тестирањето за екстерниот испит го спроведува тестаторот согласно процедурите пропишани од Бирото. Тестаторите за интерните испити се определени од страна на претседателот на УМК, од редот на наставниците во училиштето. Тестаторот, не може да биде наставник по предметот по кој се врши тестирањето. VI. ОЦЕНУВАЊЕ Член 40 Оценувањето на знаењата и способностите на учениците од испитите од државната матура се врши со бодови кои потоа се претвораат во оценки од еден (1 ) до пет (5). Сите оценки се преодни, освен оценката еден (1). Член 41 Скалите за претворање на бодовите во оценки за екстерните испити се подготвуваат од државните матурски предметни комисии по спроведувањето на испитите, а ги утврдува Државниот матурски одбор. Резултатите на учениците од екстерните испити, до училиштата се доставуваат од Бирото и тоа изразени во оценки и перцентили. Скалите за претворање на бодовите во оценки за интерните испити се подготвуваат од соодветните училишни предметни комисии пред спроведувањето на испитот. Со скалите се одредува минималниот број бодови за преодна оценка и распонот на бодови за секоја од преодните оценки од два (2) до пет (5). Минимумот за преодна оценка ги опфаќа најнеопходните знаења и способности коишто кандидатот треба да ги покаже на испитот (во натамошниот текст: праг на положеност). Скалите за претворање на бодовите во оценки за проектните задачи се подготвуваат од државната матурска комисија за проектна задача. Проектната задача се оценува од соодветната училишна комисија така што подготовителната фаза и фазата на изработка се оценува од наставникот-ментор, а фазата на презентација и одбрана од другите двајца членови на комисијата. Во оценката за проектната задача наставникот-ментор учествува со 50%, а останатите двајца членови со по 25%. Член 42 Кандидатот ја положил државната матура ако по сите испити постигне резултат над прагот на положеност. Член 43 Резултатите од испитите на државната матура до нивното објавување се чуваат во тајност. Резултатите од екстерните испити се објавуваат од УМК еден ден по нивното примање од Бирото. Резултатите од интерните испити и проектната задача се објавуваат од УМК најдоцна три дена по завршување на испитот по соодветниот предмет или по одбраната на проектната задача. УМК ги објавува и вкупните резултати од сите испити на државната матура. Член 44 Кандидатот кој не ја положил државната матура се известува за постигнатиот успех по одделните делови од државната матура. Испитите на кои кандидатот не добил преодна оценка ги полага во наредните испитни сесии, при што кон пријавата за полагање кандидатот доставува потврда за положените испити од државната матура од претходните испитни сесии. Член 45 Кандидатот кој ги нарушува правилата за полагање на испитот, може да биде опоменат и отстранет од испит. Опомена изрекува тестаторот или претседателот на училишната предметна комисија, така што го опоменува кандидатот и го запишува во формуларот за спроведување на матурски испит. Ако кандидатот и по двапати изречена опомена продолжува со нарушување на правилата за полагање на испити, тестаторот го отстранува од испитот. Кандидатот кој согласно став 3 на овој член ќе биде отстранет од испит, по тој дел од државната матура не се оценува. Член 46 Кандидатот, доколку смета дека е направена грешка во оценувањето на испитните задачи, во пресметувањето на бројот на бодовите или во изведувањето на оценката, може да достави приговор на оценката од испитот. Рокот за доставување приговор е најдоцна два дена по објавувањето на резултатите од испитот. Кандидатот приговорот за екстерните испити го поднесува до УМК. УМК приговорот го проследува до Бирото. Приговорот од став 3 на овој член во рок од четири дена се разгледува од страна на предметната комисија за приговори составена од пет члена и тоа членови на комисијата се: претседателот на државната матурска предметна комисија, главниот оценувач, два члена од државната предметна матурска комисија и претставник од Бирото. Ако комисијата од став 4 на овој член констатира дека е направена грешка, во тој случај таа утврдува нова оценка. Кандидатот приговорот за испитите од интерниот дел го поднесува до УМК. УМК го проследува приговорот до училишната предметна комисија. Училишната предметна комисија го разгледува приговорот во присуство на еден член од УМК. Кандидатот за резултатот од приговорот се известува во рок од три дена од денот на приемот на приговорот. Ако комисијата од став 7 од овој член констатира дека е направена грешка, во тој случај таа утврдува нова оценка. Член 47 Кандидатот кој успешно ја положил државната матура и сака да го подобри успехот од еден или повеќе предмети, може повторно да полага наредната учебна година во јунскиот испитен рок и на истиот му се утврдува оценка што ја постигнал на повторното полагање. Член 48 На кандидат од гимназиско образование кој го положил задолжителниот дел од државната матура, еден од изборните предмети и проектната задача по негово барање му се издава диплома за положена училишна матура. На кандидат од стручно образование кој го положил задолжителниот дел од државната матура, стручниот изборен предмет и проектната задача по негово барање му се издава диплома за положен завршен испит. Член 49 Од страна на претседателот на УМК до крајот на септември се доставува извештај до Бирото за резултатите по интерните испити од државната матура, изготвуван согласно упатствата утврдени од Бирото. Од Бирото, до крајот на октомври се доставува краен извештај за државната матура до Државниот матурски одбор. VIII. ПРИЛАГОДУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА ЗА КАНДИДАТИТЕ СО ПОСЕБНИ ОБРАЗОВНИ ПОТРЕБИ ВО ГИМНАЗИСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ВО ЧЕТИРИГОДИШНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ Член 50 Државната предметна комисија за кандидатите со посебни образовни потреби го осмислува и прилагодува испитниот материјал за полагање на екстерните делови од матурскиот испит во консултација со Бирото и Институтот за дефектологија. УМК го подготвува и осмислува начинот на прилагодување на интерните делови од матурскиот испит во консултација со Бирото. Прилагодувањето на училишната матура за кандидатите со посебни образовни потреби мора да биде соодветно на нивното искуство стекнато во наставниот процес. Член 51 Испитот за кандидатите со посебни потреби може да трае најмногу за 50% подолго од времето предвидено за испитот по соодветниот предмет. Државната предметна матурска комисија односно УМК може да предвидат и време за одмор на кандидатот (пауза). За кандидатите од став 1 на овој член се обезбедува посебна просторија. Ако испрашувачот е надворешен член се обезбедува внатрешен член на комисија и тестатор на испитот. Тестаторот на испитот обезбедува да не се нарушува испитниот ред. Член 52 За кандидатите со посебни образовни потреби може да се извршат следниве прилагодувања: - ослободување за полагање од дел од испитниот материјал; - техничко прилагодување на испитниот материјал; - полагање со помошник; - употреба на посебни помагала; - наместо писмен, спроведување устен испит и обратно; - прилагоден испит со употреба на Брајово писмо и/ или знаковен јазик; - прилагодена подготовка на изготвување на проектната задача и нејзино оценување. Член 53 Кандидатот со посебни образовни потреби може да се ослободи од полагање на дел од испитниот материјал кој не е можно да се прилагоди. Член 54 За кандидатот со телесен инвалидитет или мултихендикеп, доколку е потребно, се обезбедува читач и запишувач на одговорите (помошник). Помошник не може да биде негов наставник или негов роднина. Помошник може да биде еден од членовите на испитната комисија. Член 55 Кандидатот со посебни образовни потреби може да користи компјутер. Кандидатот не може да има пристап до било какви програми кои би му овозможиле полесно да го положи испитот. Една копија од одговорите на кандидатот се чува на дискета, а една копија се печати, а потоа претседателот на испитната комисија одговорите на кандидатот ги брише од компјутерот. Член 56 За кандидат со посебни образовни потреби усниот дел од испитот може да се замени со писмен. Кандидатот со тешки пречки во говорот, може да се ослободи од усниот дел од испитот, или истиот да го полага со асистиирање на интерпретатор. Член 57 Кандидатот со оштетен слух може да се ослободи од усниот дел од испитот, или истиот да се спроведе со помош на интерпретататор на знаковен јазик. На кандидатот со оштетен вид треба да му се обезбеди во текот на испитот да користи видно (слабовиди ученици) и Брајово писмо (слепи ученици). Член 58 Презентацијата и одбраната на проектната задача треба да се прилагодат така да кандидатот може да ги покаже своите знаења и способности. Член 59 На кандидатот со посебни образовни потреби може да се прилагодува оценувањето соодветно на прилагодувањето на испитниот материјал. Заради поголема објективност текот на испитот на кандидатот од став 1 на овој член соодветно се евидентира со дополнителен записник. IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 60 Бројот на предметите кои екстерно се оценуваат е утврден согласно динамиката на нивно воведување во Концепцијата. Член 61 Со влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државна матура во гимназиското образование и во средното стручно образование (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.74/2006). Член 62 Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија”.
|