ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА ВЕРИФИКАЦИЈА НА УЧЕНИЧКИОТ ДОМ И СОДРЖИНАТА, ФОРМАТА И НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА РЕГИСТРИТЕ Член 1 Со овој правилник се пропишува начинот на верификацијата на ученичкиот дом и содржината, формата и начинот на водење на Централниот регистер на ученичките домови основани на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Централен регистер), на регистрите на општинските ученички домови и на ученичките домови на градот Скопје. Член 2 Комисијата која врши подготовка за работа на ученичкиот дом доставува образложено писмено барање за верификација до Министерството за образование и наука (во натамошниот текст : Министерство), најдоцна до 31 мај, за наредната учебна година. Член 3 Верификација на домот врши комисија за верификација (во натамошен текст: Комисија), што е формирана од министерот за образование и наука. Комисијата за верификација на државните ученички домови ја сочинуваат три члена: по еден претставник од Министерството, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат. Комисијата за верификација на општинските ученички домови и ученичките домови на Град Скопје ја сочинуваат четири члена: по еден претставник од Министерството, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и претставник од општината, односно Градот Скопје. Председател на Комисијата е членот од Министерството. При утврдување на условите за верификација учествува и претставник од подносителот на барањето од член 2 на овој правилник. Член 4 Комисијата преку непосреден увид ја утврдува исполнетоста на условите за вршење на воспитно-образовната и другата дејност на ученичкиот дом согласно законот. Член 5 По извршениот увид Комисијата поднесува писмен извештај за исполнетоста на условите со предлог за верификација до Министерството. Член 6 Врз основа на извештајот и предлогот на Комисијата, од страна на Министерството се донесува решение за верификација на ученичкиот дом. Член 7 Решението за верификација на ученичкиот дом се донесува најдоцна до 31 август, за наредната учебна година. Решението се доставува до ученичкиот дом што се верифицира, до основачот и до Државниот завод за статистика на Република Македонија. Член 8 Ученичкиот дом кој е верифициран се запишува во Централниот регистер за ученичките домови што го води Министерството, и во регистарот на општината, односно на град Скопје. Во регистрите се внесуваат податоци за организирањето и остварувањето на воспитно-образовната и друга дејност согласно Законот за ученичкиот стандард. Член 9 Регистрите се водат во посебно тврдо подврзана книга. Листовите на регистерот се нумерирани и прошиени со емственик, чии два краја се потпечатени со црвен восок на внатрешната страна од задната корица. Централниот регистар се води според Образец бр. 2 кој е составен дел на овој правилник. Општинскиот регистар, односно регистарот на град Скопје се води според Образец бр. 3, кој е составен дел на овој правилник. Регистрите се водат и во електронска форма. Член 10 Запишувањето во регистерот се врши со темно сино мастило. На еден лист од регистерот се внесуваат податоци само за еден ученички дом. Организирањето на дејноста надвор од матичниот ученички дом се внесува во регистерот на листот каде што е запишан ученичкиот дом и неговата дејност. Кога регистарскиот лист ќе се исполни до крајот, за наредните запишувања се користи нов регистарски лист, кој се води под ист регистарски број. Член 11 Запишувањето во регистарот се врши врз основа на поднесена писмена пријава според Образец бр. 1 што е составен дел на овој правилник. Кон писмената пријава домот поднесува акт за основање, односно организирање, во заверен препис. Член 12 Бришењето во регистерот се врши на тој начин што со црвено мастило се прецртува со права линија секој ред на запишувањето, а на крајот се наведува дека ученичкиот дом е избришан од регистарот и се наведува основот заради кој се врши бришењето. Во случај на погрешно запишување се врши исправка на тој начин што преку погрешно запишаниот текст се повлекува тенка линија и над неа се внесува точниот текст. Исправката се врши со црвено мастило. Секое запишување во регистерот го потпишува службеното лице што го води регистерот. Член 13 Писмена пријава за запишување во регистарот се поднесува и за позначајна измена што настанува во ученичкиот дом (менување на статусот, седиштето и друго). Врз основа на пријавата, запишувањето на настанатата измена се врши во соодветните рубрики од регистерот. Член 14 Пријавата за настанатата измена, ученичкиот дом ја доставува до Министерството, односно до општината и градот Скопје, во рок од 15 дена од настанатата измена . Член 15 За секој ученички дом, кој е запишан во регистрите се формира досие. Член 16 Одредбите на овој правилник соодветно се применуваат и на ученичките домови во состав на училиштата. Член 17 Во регистрите се внесуваат податоци од сите ученички домови што се верифицирани пред влегувањето во сила на овој правилник. Член 18 Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во Службен весник на Република Македонија. Бр.16-5872/1 МИНИСТЕР, 23 јули 2007 год С к о п ј е Сулејман Рушити, с.р. |