Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, присуствуваше на меѓународната конференција Магна Карта која се одржа на Државниот Универзитет во Тетово. Организирањето на една ваква средба денеска во Тетово, со меѓународен карактер и особена важност за високото образование, не само во Македонија туку и пошироко, е сведоштво дека Државниот Универзитет во Тетово е веќе израснат во високообразовна институција која ги промовира образовните и научните вредности со квалитет кој е прифатлив за европскиот простор на високото образование, истакна во своето обраќање Адеми.

„Потпишувањето на документот „Магна Карта Универзитатум“ во 2007 година, е сведоштво за посветеноста на Тетовскиот универзитет на исполнување на мисијата која овозможи создавање на здрави и квалитетни генерации подготвени за пазарот на трудот и други потреби кои ги презентира општеството“, рече Адеми.

Адеми потсети дека Република Македонија во 2003 година беше рангирана меѓу земјите кои ја поддржаа и ја потпишаа Болоњската декларација, со што ги презеде и официјално сите обврски и надлежности кои произлегуваат од овој документ кој е голема важност за високото образование. Препораките кои произлегуваа од Болоњската декларација беа и остануваат главен водич во работата на високото образование во Република Македонија.

„Системот на високото образование претрпе реформи кои придонесоа на препознатливост на високообразовните квалификации кои се издаваат во Република Македонија преку имплементацијата на ЕКТС системот и Националната рамка на високообразовни квалификации. Ваквите студиски програми се темелат на исходи од учењето чијашто главна цел е обезбедување што поголема вработливост на дипломираните студенти и следењето на пазарот на трудот. Болоњскиот процес исто така обезбеди примена на систем на квалитет во високото образование согласно европските програми. Од неодамна, Република Македонија е членка на EQAR (European Quality Assurance Register), со што ја потврди и својата посветеност на унапредување на квалитетот во високото образование“, рече Адеми.

Во своето обраќање, министерот за образование и наука се осврна и на дилемите кои се поставуваат пред се во академската јавност за вклучувањето на Болоњскиот процес во високото образование.

„Честопати во јавноста воопшто и во академскиот свет, се поставуваат дилеми за вклучување во Болоњскиот процес, дилеми кои опфаќаат сугестии во некои сегменти во неговата внатрешност на пр. времетраење на студиите, професионалните квалификации стекнати на крајот на студиите, мобилноста на студентите и наставниците и т.н . Сите овие дилеми водат до прашањето „ Треба или не треба Република Македонија да продолжи да чекори врз основа на одредбите кои ги диктира Болоњскиот систем или да аплицира само во некои нејзини сегменти“.Се надевам и очекувам на некои проблеми и дилеми, токму оваа конференција да даде повеќе стручни објаснувања, суштински и функционални.“, рече Адеми.

Адеми потенцираше дека оваа конференција се реализира во период кога МОН се подготвува за концептот на новиот Закон за високо образование каде што се прават максимални напори за спроведување на сите позитивни искуства кои се спроведуваат во развиените образовни системи во Европа и пошироко.

„Од оваа конференција очекувам да произлезат заклучоци од присутните, од искуствата на експертите и од дебатите, кои ќе ни послужат со цел да се објасни дека подобрувањето на квалитетот во образованието бара транспарентност и посветеност од сите страни, односно надлежностите и задачите кои ги имаат, додавајќи паралелно одговорност за сите учесници во овој процес, без разлика дали тие се институционални или општествени“, рече Адеми.