Министерот за образование и наука Никола Тодоров на прес-конференција соопшти дека до нив денеска е испратено писмено укажување и ако тие тоа не го исполнат, согласно со член 162 од Законот за високо образование МОН ќе донесе решение за привремена забрана за работа.
Кај Меѓународниот универзитет во Струга се констатирани сериозни прекршувања на законот – тој врши високообразовна дејност без добиена акредитација и запишува студенти во втор циклус на студии пред да се донесе решение за тоа од Одборот за акредитација и без решение на МОН за исполнетост на условите. Исто така, таму се запишани студенти без нострификација, кои немаат положено државна матура и кои завршиле само тригодишно средно образование. Во Њујорк колеџот, пак, треба да се исполнат минималните законски услови за бројот на наставен кадар што треба да биде ангажиран на една високообразовна установа.
- Немаме намера да затвораме универзитети, но имаме јасен и одлучен став сите високообразовни установи да работат во согласност со законот. Не смееме да дозволиме образовниот систем во Република Македонија да биде загрозен. Апелирам до сите универзитети, и јавни и приватни, целосно да ја сообразат својата работа со Законот за високо образование и целосно и доследно да ги почитуваат законските одредби. Не смееме да дозволиме да се деградира високообразовната функција во Македонија. Наша цел е да обезбедиме стабилен и висококвалитетен образовен систем, рече Тодоров.
Досега е извршен надзор и на други приватни и јавни универзитети, а контроли ќе има и во следниот период. Кај државните универзитети имало утврдено неправилности, но не сериозни, но и за нив се поднесени прекршочни пријави за одговорните лица. Недоследности има и во Државниот универзитет Тетово, но Тодоров не прецизираше какви зашто инспекцијата таму се уште е во тек.
Директорот на Државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов соопшти дека за ДУТ инспекцијата сега е во фаза на издавање решенјија со укажување во одреден рок да ги надминат проблемите, како ненострифицирани дипломи на студенти, непочитување на регулативата за унапредување на некои професори, предавање на професори од други универзитет без согласност од матичниот факултет итн. – Оваа недела ќе бидат дадени соодветни решенија и доколку тие ги остранат проблемите, ќе следуваат само прекршочни постапки и нема да се оди на крајната мерка за привремено затворање на универзитетот, рече Арсов.
Кај многу факултети е утврдено дека работат со акредитација од Одборот, но не побарале од МОН решенија за услови за работа. Најголем дел од нив, како што рече Арсов, по укажувањето од ДПИ, за 15 дена ги обезбедиле решенијата.
Покрај затворање на факултетите, за сериозни прекршоци Законот за високо образование предвидува и парична казна од 30.000 до 100.000 евра, а за одговорното лице и затворска казна од една до три години.
(Извор МИА)



















