Оваа иницијатива се воведува со цел олеснување на можностите и подобрување на условите за запишување, следење и завршување на универзитетското образование, а соодветно и зголемување на бројот на високо-образовани кадри во земјава. Во услови на економска криза, грижата за еднаков и олеснет пристап до образование за сите е врвен приоритет на Владата, затоа што од процентот на квалитетни и високо-образовани кадри зависи економскиот раст, развој и стабилноста на општеството. Намалувањето на сиромаштијата и високиот процент на невработеност преку создавање на образовани индивидуи е најсигурната инвестиција во иднината на државата. Долгорочниот економски раст директно влијае за намалување на сиромаштијата преку креирање нови работни места и преку зголемување на реалниот домашен приход. Согласно Законот за високото образование, Одлука за бројот на студентите кои се запишуваат на јавните високообразовни установи, на предлог на јавните универзитети, носи Владата на Република Македонија, а јавните универзитети, може да воведат партиципација и кофинансирање на трошоците за студирање по претходна согласност од Владата. Во предлог конкурсите за академската 2010/2011 година доставени од јавните универзитети имаше предлози за партиципација во државната квота во висина од 300 и 400 евра, додека во предлозите за трошоците за квотите со кофинасирање имаше суми и од 600, 800 па сè до 1200 евра на годишно ниво. Излегувајќи во пресрет на потребите и барањата на студентите, Владата презема чекори кон намалување на нивните трошоци, па така партиципација на трошоците за студирање на сите студиски програми на сите факултети, ќе изнесува 200 евра, што во споредба со предлозите од универзитетите, значи намалување во просек од 34% до 50%. Висината на кофинансирањето ќе изнесува 400 евра за сите студиски програми на сите факултети, што ќе значи намалување во просек од 35% до 70%, додека партиципацијата за сите дисперзирани студии во земјава ќе изнесува 100 евра, што во однос на конкурсните предлози ќе изнесува намалување во просек 50% до 65%. Оваа иницијатива е по примерот на земјите со развиен и ефикасен високо-образовен систем. Од земјите во регионот, на пример во Република Бугарија, партиципација за студентите од државна квота, нема, додека трошоците за кофинансирање се движат меѓу 50 и 200 евра. Современите трендови ги прати и Република Хрватска која за следната академска година за прв пат одлучи да ги ослободи студентите од партиципација. Во рамките на Европската Унија, студирањето во државна квота е бесплатно, како на пример во Чешката Република, Данска, Финска, Норвешка, Полска, Шведска. Пониски износи на партиципација од нашите има на пример во Франција, каде што тие изнесуваат околу 165 евра и во Унгарија, каде партиципацијата изнесува околу 190 евра. Со оглед на фактот дека високообразовните установи освен приходите кои ги стекнуваат како резултат на партиципацијата и кофинасирањето, тие се буџетски корисници и стекнуваат приходи и од научно-истражувачка дејност. Согласно закон, може да остваруваат и приходи по разни други основи, како организирање на курсеви издавање на лиценци и слично. Затоа, намалувањето на трошоците за партиципацијата и кофинасирањето нема да влијае значително на вкупните приходи и на редовното одвивање на тековните активности. Намалувањето на партиципацијата особено ќе го поттикне запишувањето на студентите на техничките и природните науки за кои интересот во последните години значително е опаднат, иако станува збор за едни од најперспективните струки кои се носители на економскиот развој.




















