Во неа е опфатен хронолошки приказ за историскиот континуитет и развојот на оваа државна институција - од нејзините почетоци во Поверенството за просвета формирано во 1944 со одлука на Президиумот на АСНОМ и неговото решение прв повереник за просвета да биде Епаминонда Поп Андонов.
Таа содржи документи, првите наставни планови и податоци за основањето на органите во состав на МОН - Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој на образованието, Педагошката служба и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Во публикацијата има и сеќавања или интервјуа на некои од министрите за образование и наука, почнувајќи од Никола Минчев, министер во 1946-1947 до Перо Стојановски, министер во 2008-2009 година.
- Од далечната 1944 кога е основано, до денес, ова Министерство некогаш на поуспешен, некогаш на помалку успешен начин ја остварува функцијата на организација и планирање на, веројатно, најчувствителната, најсериозната и најважната област за развојот на една држава, истакна министерот за образование и наука Никола Тодоров.
Рецензентот и промотор на монографијата, проф. Светомир Шкариќ, рече дека се работи за најобемен и најсистематизиран труд што досега е објавен за некоја државна институција во Македонија. Тој подвлече дека авторот, иако се работи за подолг период, вешто ги поврзал во една целина настаните, документите и личностите кои суштински влијаеле врз развојот на образованието и науката.
Авторот на монографијата Сашо Додевски, магистар по историски науки, истакна дека е почестен што учествувал во создавањето на првата историја на МОН и оти со интензивна повеќемесечна работа, како што рече, се обидел да направи пресек на сите важни настани на МОН. Монографијата тој им ја посвети на сите луѓе во просветата, кои придонеле за развојот на Министерството и на целиот образовен систем во Македонија.
Извор МИА




















