Добрата вест за визната либерализација соопштена пред два дена денеска беше споделена со студенти на средба со вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски и со мини
стерот за образование и наука Никола Тодоров.
Вицепремиерот Наумовски рече дека успехот се должи на исклучително тешките напори и посветеноста во изминатите две-три години и на преземените иницијативи и мерки на Владата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.
Тој очекува истиот ангажман од институциите да биде вложен и во остварувањето на втората и следна цел - позитивен извештај од Европската комисија што треба да ја доближи Македонија до Европската унија.
- Ќе треба волја и поддршка од сите субјекти, од политичките партии, граѓанскиот сектор и од медиумите, рече, меѓу другото Наумовски.
Министерот Тодоров им се заблагодари на студентите и учениците кои и досега ја афирмирале Македонија во светот, докажувајќи, како што рече, дека земјава има квалитетен кадар кој рам
ноправно може да се носи со светските предизвици.
- Верувам дека либерализацијата ќе придонесе тие да стекнат уште поквалитетно образование и повисоки дострели во кариерата, а потоа да и помогнат на државата, рече Тодоров. Во одговор на прашање од студент како МОН ќе ги задржи студентите овде, тој рече дека изборот е демократско право, но оти МОН ќе направи се да го подигне квалитетот на образованието.
- За нас не е важно каде ќе завршат студентите, туку каде ќе го дадат својот придонес. Верувам дека тоа ќе биде во Македонија, рече Тодоров.
Дијалогот за визна либерализација почна пред 18 месеци, а работеше тим од 10-12 луѓе од различни министерства. Како што појасни Агнеза Руси, државен советник во МНР, процесот бил базиран на патоказ со 40 конкретни активности во четири клучни области - безбедност на документи, усогласена со ЕУ политика на азил и реадмисија, политика против организиран криминал и корупција и почитување на фундаменталните права.
Од 1 јануари 2010 година за граѓаните на Република Македонија со нови биометриски пасоши ќе престане да важи обврската да имаат виза за краток престој (за максимум 90 дена) во земјите на Европската унија (освен за Велика Британија и Ирска) и за три земји кои не се во ЕУ, а се во шенген-зоната - Норвешка, Исланд и Швајцарија.
Извор: МИА




















