Министерството за образование и наука во соработка со Центарот за развој на образованието ЕДЦ од САД, подружница Скопје, кои го реализираат Проектот (Мрежа ЈЕС), финансиран од Американската Агенција (УСАИД), отвори и опреми кариерни центри за кариерно советување на учениците во јавните средните училишта во повеќе општини во Република Македонија.

Програмите за кариерно советување на средношколците во кариерните центри ја реализираат обучени кариерни советници, од редовите на наставниците и стручните соработници (психолози/педагози) во училиштата. За таа цел обучени се над 180 наставници и стручни соработници (психолози/педагози).

Со цел зајакнување на системот за кариерно советување на учениците во јавните средни училишта, изготвена е веб апликација на батерија инструменти за професионална ориентација (БИПО) за кариерно насочување на учениците. Батерија инструменти за професионална ориентација (БИПО) ги мери интересите на младите/учениците, нивните лични карактеристики – карактерните особини, и вредностите кај младите/учениците.

На веб страната на Министерството за образование и наука, http://www.bipo.mon.gov.mk/, поставен е софтверот за електронско користење на Батеријата инструменти за професионална ориентација (БИПО). Веб апликацијата на Батеријата инструменти за професионална ориентација (БИПО) е достапна на македонски и на албански јазик.

Министерството за образование и наука се залага за успешно спроведување на системот за кариерно советување и насочување на учениците, континуирано ја следи имплементацијата на Програмите за кариерно советување во отворените кариерни центри и смета дека е од исклучителна важност за правилното насочување на учениците при изборот на нивната идна кариера и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

 Досега, отворени се 52 кариерни центри.