Врз основа на член 52 од Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 46/08, 103/08, 24/11, 80/12,24/3, 147/2013 и 41/2014), член 4 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/12, 64/13,98/13, 70/14, 88/14, 74/15, 140/15, 178/15 и 30/16), а согласно член 97-а од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15 и 30/16) и член 72-а од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/2011, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15 и 30/16) Министерството за образование и наука распишува

К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА НАСТАВНИЦИ КОИ ИМААТ ЗАСНОВАНО РАБОТЕН ОДНОС НА НЕОПРЕДЕЛЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ ВО ЈАВНО ОСНОВНО/СРЕДНО УЧИЛИШТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И КОИ СЕ ЗАПИШАЛЕ НА ВТОР, ОДНОСНО НА ТРЕТ ЦИКЛУС АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ОБЛАСТА НА ОБРАЗОВАНИЕТО НА НАСТАВНИЦИТЕ ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2016/2017 ГОДИНА

 

      Министерството за образование и наука за академската 2016/2017 година ќе додели стипендии за наставници кои имаат засновано работен однос на неопределено работно време во јавно основно/средно училиште во Република Македонија и кои се примени/се запишани на втор, односно на трет циклус академски студии од областа на образованието на наставниците во странство на високообразовна установа, која е рангирана помеѓу првите двеста високо-образовни установи на листа која ја изготвува на Центарот за светска класа универзитети при Шангај-Џиао Тонг Универзитет од Народна Република Кина, или на универзитет кој е на ранг листата на универзитети од областа на образованието, која ја изготвува Quacquarelli Symonds (QS) од Велика Британија.

I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:

Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:

1. Да е вработен на работно место наставник на неопределено работно време во јавно основно/средно училиште во Република Македонија, да има завршено академски студии од прв циклус (во траење од три, односно четири години), односно втор циклус на студии или ако има стекнато образование во странство да има нострифицирано диплома за академски студии од прв односно втор циклус стекнати во странство;

2. Да е примен/запишан на академски студии од втор, односно трет циклус од областа на образованието на наставниците, прв пат во прва година во академската 2016/2017 година, на високообразовна установа која е рангирана помеѓу првите двеста високо-образовни установи на листа која ја изготвува на Центарот за светска класа универзитети при Шангај-Џиао Тонг Универзитет од Народна Република Кина, или на универзитет кој е на ранг листата на универзитети од областа на образованието, која ја изготвува Quacquarelli Symonds (QS) од Велика Британија;

3. Да има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата на високо образовната установа на која е примен/запишан;

4. Да е државјанин на Република Македонија.

II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

 

 Пријава;

 Потврда од училиштето дека кандидатот е вработен на неопределено работно време,

 Диплома/Уверение за завршени академски студии од прв, односно втор циклус или нострифицирана диплома за академски студии од прв, односно втор циклус стекнати во странство (заверени на нотар);

 Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен/запишан за првпат во прва година на академски студии од втор, односно трет циклус од областа на образованието на наставници во академската 2016/2017 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;

 Уверение-потврда за активно познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои дел од своето средно, односно високо образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата на високообразовната установа;

 Мотивациско писмо;

 Меница во форма на нотарски акт како средство за обезбедување на поврат на исплатените средства;

 Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот

Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од овластен судски преведувач.

Потребните документи за доделување на стипендиите може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно потпишани договори за соработка, ќе ги обезбеди податоците за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.

III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:

На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на објавувањето на овој конкурс, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство бр. 17-17545/1 од 16.11.2015 година) (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации).
Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот.

IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ

1. Избраниот кандидат со договор се обврзува дека доколку ја добие стипендијата, по завршување на образованието на високообразовната установа на која е примен е должен во рок од 15 дена да се врати на работа во основното/средното училиште во кое имал засновано работен однос, за вршење работи кои одговараат на неговиот вид и степен на стручна подготовка и да работи во училиштето за временски период за колку му мирувал работниот однос, без право да бара престанок на работниот однос.

2. Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во Република Македонија и не ја исполни обврската од точка 1, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десетпати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од втор односно трет циклус од областа на образованието на наставници во странство е најдоцна до 1.09.2016 година.

Пријавата и документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул.„Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии од втор односно трет циклус од областа на образованието на наставници во странство)

Некомплетните документи и документите доставени по крајниот рок нема да се разгледуваат.

Дополнителни информации за доделувањето на стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука од следниве контакт лица:

Олга Дуковска - Сектор наука - контакт телефон 076/298-312
Илина Тарчуговска - одделение за основно образование - контакт телефон 076/298-317
Нуран Кадриу Џамбази- одделение за средно образование - контакт телефон 076/445-059

Адреса

Министерство за образование и наука

ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54

1000 Скопје, Република Северна Македонија

Copyright © 2016 mon.gov.mk. Сите права се заштитени.

Контакти

phone icon +389 2 3117 896

fax +389 2 3118 414

mail contact@mon.gov.mk

Поврзете се со нас

facebook-icon

Следете нè на Facebook