Владата на Република Македонија и Европската Унија на 1 јули 2014 година во Брисел потпишаа Договор за учество на Република Македонија во Програмата на Унијата „Хоризонт 2020“ – Рамковна програма за истражување и иновации (2014-2020).

Република Македонија, како асоцијативна земја членка во Програмата, учествува под еднакви услови и права како и земјите членки на ЕУ. Со цел успешно учество во Програмата, Министерството за образование и наука во улога на координатор на програмата, формира мрежа на  национални контакт лица за поддршка на сите заинтересирани апликанти.

Програмата претставува финансиски инструмент на ЕУ со кој се поддржува истражувањето и иновациите, со крајна цел за економски раст,  креирање на нови работни места и конкурентност. Располага со буџет од над 70 милијарди евра и ќе трае од 2014 до 2020 година.

Хоризонт 2020 е отворена за учество на широк спектар на организации и индивидуални истражувачи: универзитети, истражувачки центри, лаборатории, мултинационални компании, мали и средни претпријатија, невладини организации, здруженија на граѓани, јавена администрација, фондови, локална самоуправа,  и други.

Програмата поддржува финансирање на проекти за истражување и иновации,  мобилност на истражувачи, зајакнување на меѓународните мрежи, стекнување на нови знаења и експертиза како и кофинансирање на одредени активности во јавниот сектор. Се очекува особено да придонесе кон зајакнување на соработката помеѓу академските институции и индустријата, во насока на постигнување конкретни резултати.

Kонципирана e врз три столба – извонредност во науката, лидерство во индустријата и општествени предизвици, кои содржат бројни области за воспоставување и развој на интернационална соработка преку соодветни проекти, конференции, тренинг работилници, семинари, форуми, студиски посети и слично.

Користењето на овој финансиски инструмент е врз основа на аплицирање на предлог проект на претходно објавен повик и изграден конзорциум – партнерство со субјекти од минимум 3 земји членки на ЕУ или асоцијативни земји кон Програмата.
Правилата за учество се дефинирани во рамки на „Водичот за апликанти“, кој е придружен документ на секој повик и кој дава целосен увид во начинот на аплицирање.

 

Линк до програмата

Линк до повици


Линк до ревидираната листа на Национални контакт лица