Реновирањето на блокот Б во студентскиот дом „Гоце Делчев“ е во завршна фаза. При крајот на следната недела ќе почне етапно носење и монтирање на мебелот. Во наредните денови, пак, ќе биде распишан тендер за набавка на нови лифтови за сите студентски домови во земјата, најави денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

“Реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“ се реализира согласно планираната динамика. Во блокот Б целосно се завршени сите градежни активности и во оваа прилика ми претставува задоволство да информирам дека согласно планот некаде при крајот на следната недела веќе ќе почне етапното носење и дистрибуција на мебелот. Ќе се почне од 14 спрат надолу и паралелно како што ќе се носи новиот мебел така ќе бидат префрлувани и студентите од блокот А во новиот реконструиран блок Б“, изјави Ристовски.

Министерството за образование и наука веќе го заврши проектот за реконструкција на блокот А, односно вториот, следен блок за реконструкција и за него, се очекува во првата половина од ноември да се распише тендер за избор на компанија која ќе ги реализира градежните активности.

“Паралелно, за да не губиме време ги забрзавме сите активности и веќе сме во фаза на подготовка и на проект за останатите два блока В и Г и за мензата во студентскиот дом „Гоце Делчев“, потенцира Ристовски, додавајќи дека проектите за нив ќе бидат готови до крајот на 2015 година.
Според Ристовски целосната реконструкција на овој студентски дом би завршила до крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година.

Дополнително, информираше дека во наредните неколку денови ќе биде распишан тендер за обезбедување нови лифтови не само во „Гоце Делчев“, туку и во сите студентски домови во Република Македонија.

“Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ парцијално како што ќе биде реализирана градежната активност блок по блок така ќе бидат менувани и лифтовите. Во блокот „Б“ којшто е целосно реконструиран оставен е едниот стар лифт за да се изврши транспортот на мебел, а потоа и тој да биде заменет за да не биде оштетен во процесот на пренос и обезбедување на новиот мебел“, рече Ристовски.

Како што најави премиерот Никола Груевски, интензивно се работи и на комплетната спецификација за распишување тендер за комплетно нов мебел во сите студентски домови во земјата.

Во меѓувреме, Владата разгледува и десетина локации за изградба на нов студентски дом, а набрзо би требало да се очекува да биде соопштено која ќе биде таа.

Инаку, денес заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров денес го посетија подрачното основно училиште “Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, каде во тек се активности за доградба на нови простории, како и реконструкција на постојниот објект.

Со новиот проект, зградата ќе има два ката. Предвидени се шест нови училници, четири тоалети, технички и работни простории и нов простор за библиотека. Исто така, се врши и реконструкција на стариот покрив на постоечкиот објект, а ќе биде изведена и нова термоизолациска фасада со што ќе се намали потрошувачката на енергија.

Градежните работи кои ги изведува „Алдинг-инжинеринг" од Скопје, предвидено е да бидат заокружени до март следната година. За оваа намена Владата инвестира 27,5 милиони денари.
Во следните 2 до 3 години планот е ова училиште, во кое засега наставата се изведува до 5то одделение за 130 ученици, да прерасне во целосна деветолетка.

Адреса

Министерство за образование и наука

ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54

1000 Скопје, Република Северна Македонија

Copyright © 2016 mon.gov.mk. Сите права се заштитени.

Контакти

phone icon +389 2 3117 896

fax +389 2 3118 414

mail contact@mon.gov.mk

Поврзете се со нас

facebook-icon

Следете нè на Facebook