Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, и претседателот на Владата на Република Македонија, денеска пуштија во употреба две училишни спортски сали, во општините Новаци и Могила. Ристовски и Груевски, исто така го постија и ОУ „Кочо Рацин“, во селото Долно Српци кое беше изградено минатата година.

На 250те ученици кои учат во ОУ „Славко Лумбарковски“ во Новаци, Ристовски им порача дека од сега часовите по спорт и спортски активности ќе ги реализираат во современ и по сите стандарди за квалитет, изграден спортски објект.

„Денеска ја пуштаме во употреба новоизградената спортска сала во состав на основното училиште „Славко Лумбарковски“, со што практично, како Влада и министерство реализираме уште едно крупно ветување дадено пред граѓаните од овој дел на нашата земја, а во насока на унапредување и модернизација на спортската и образовна инфраструктура “, рече Ристовски при свеченото пуштање во употреба на училишната спортска сала во Новаци.

Пред 150те ученици од ОУ„Гоце Делчев “ во Могила и нивните наставници, Ристовски истакна дека во Министерството за образование и наука и во Владата на Република Македонија напорно се работи на реализацијата на проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“ и ќе се продолжи така сè додека секој ученик во земјата, часовите предвидени за физичко образование не ги следи во спортска сала, наместо на импровизирано игралиште.

„За важноста и придонесот на спортот кон здравјето и здравиот развој на младите може многу да се зборува, но би сакал да истакнам дека училиштата од секогаш играле важна улога во обезбедувањето на организирана физичка активност за учениците и училишниот спорт е значајна компонента на образовната институција. Токму затоа напорите да се поттикнат здравите спортски навики кај младата популација ги алоцираме во подобрување на спортската инфраструктура во училиштата низ земјава“, рече Ристовски при свеченото пуштање во употреба на училишната спортска сала во Могила.

Двете спортски сали имаат површина од по 650м2, и во нив може да се игра кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, а на располагање се и спортски реквизити за гимнастика и пинг понг. Секоја од нив чини по 24 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа. За вкупната реализирана инвестиција, односно влог во изградба на спортски сали преку Министерството за образование и наука, достигнат е износ од 1,4 милијарди денари.

Адреса

Министерство за образование и наука

ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54

1000 Скопје, Република Северна Македонија

Copyright © 2016 mon.gov.mk. Сите права се заштитени.

Контакти

phone icon +389 2 3117 896

fax +389 2 3118 414

mail contact@mon.gov.mk

Поврзете се со нас

facebook-icon

Следете нè на Facebook