Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес имаше свое обраќање на Регионалната министерска конференција која се одржува во Сплит, Република Хрватска, на која беше потпишан Договор за основање на Центарот за истражување и иновации на Западен Балкан - WISE.

- Би сакал да истакнам дека Министерството за образование и наука на Република Македонија особено го цени основањето на Центарот за истражување и иновации на Западен Балкан - WISE. Цениме дека овој Центар е од особено значење за јакнење на поддршката на земјите од Западен Балкан во областа на истражувањето, развојот и иновациите, рече Адеми, напоменувајќи дека основањето на Центарот ќе ја зајакне регионалната соработка што ќе допринесе до јакнење на капацитетите на истражувачите, размена на научните сознанија и резултати како и подобрување на бизнис климата во Регионот.
- Ова е стратешка институција која ќе овозможи успешна имплементација на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновациина Западен Балкан преку привлекување на поголеми финансиски средства за вложување во истражувањето, развојот и иновациите, додаде Адеми.
Спроведувањето на 4-те иницијативи, потенцираше министерот, од Акциониот план на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновациина Западен Балкан ќе овозможи побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во Европскиот истражувачки простор, зголемен економски раст на земјите како и креирање на нови работни места.
- Сакам да го поздравам одржувањето на овој значаен собир, со надеж дека ќе се обезбедат финансиски средства за имплементација на иницијативите и активностите предвидени во Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан. Ова секако ќе придонесе за размена на идеи и искуства, зајакната соработка, се со цел унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и поголеми вложувања во науката и иновациите, истакна Адеми.
Министерот Адеми, во своето обраќање пред присутните, ги потенцираше заложбите на Министерството за образование и наука во подобрување на научно-истражувачката дејност во Република Македонија.
- Министерството за образование и наука подготвува 4 годишна програма за високо образование и научно-истражувачката дејност во Република Македонија. Една од најважните цели на Програмата е зголемување на инвестирањето во истражување и развој до 1,8 % од Бруто домашниот производ до 2020 година, а учеството од приватниот сектор да достигне до 50% од вкупните инвестирања во истражување и развој, рече Адеми, додавајќи дека во текот на 2012 година, Владата на Република Македонија ја усвои Стратегијата за иновации во Република Македонија. 2012-2020.
- Една од најзначајните мерки реализирани од оваа Стратегија е формирањето на Фонд за иновации и технолошки развој во Република Македонија како инструмент за финансирање на грантови за: старт ап и спин оф компании; трансфер на технологии, акселаратори како и техничка помош за старт ап компании, истакна Адеми, истакнувајќи дека е еден од позначајните проекти на Министерството за образование и наука е проектот за опремување и модернизирање на лабораториите на државните универзитети, проект вреден 60 милиони евра.
Нашето министерство, напомена Адеми, активно ја поддржува определбата дека најголемата инвестиција е образованието на младите генерации, а преку стимулирањето на нивната научна креативност како држава ќе создадеме млад научен потенцијал, кој преку своите истражувања и сознанија ќе дадат импулс во позитивна насока во сите сфери во општеството и државата.
Министерот Адеми, пред присутните го потенцираше порастот на меѓународната научна соработка со повеќе земји, особено со европските земји, која се реализира преку Програмата Хоризонт, COST, EUREKA, UNESCO, NATO, IAEA и JICA.
- Министерството за образование и наука има успешна долгогодишна регионална соработка со земјите од Западен Балкан. Во контекст на јакнењето на регионалната соработка Министерството за образование и наука на Република Македонија има потпишано билатерални спогодби со сите земји од регионот. Во рамките на овие спогодби овозможена е проектна соработка со земјите од Западен Балкан како и стипендирање на млади кадри, додаде Адеми.

Адреса

Министерство за образование и наука

ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54

1000 Скопје, Република Северна Македонија

Copyright © 2016 mon.gov.mk. Сите права се заштитени.

Контакти

phone icon +389 2 3117 896

fax +389 2 3118 414

mail contact@mon.gov.mk

Поврзете се со нас

facebook-icon

Следете нè на Facebook