Заменик министерот за образование и наука Спиро Рисотвски, денеска во Охрид, присуствуваше на прес конференција по повод отворањето на Институтот за филм - Филмска академија Охрид и најави дваесет целосни стипендии за студентите кои што ќе се запишат на постдипломски студии по сценаристика и драматургија или креативна продукција.

- Почнувајќи од оваа академска година, нашиот најголем туристички центар и колевка на македонската традиција и културно наследство - градот Охрид, станува домаќин на Институтот за филм - Филмска академија Охрид, што, во суштина е кулминација на повеќегодишната соработка помеѓу Владата на Република Македонија и ФАМУ, престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага, рече заменик министерот Ристовски и истакна дека ова е единствена соработка на ФАМУ од ваков вид со друга земја, за што заслуга имаат и членови на меѓународниот тим, составен од претставници на ФАМУ и Министерството за образование и наука, сето со цел Институтот за филм за стане реалност и дел од македонскиот образовен систем.

Ристовски посочи дека Институтот за филм - Филмска академија Охрид, како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, нуди постдипломски програми на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција. Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, петтата најстара филмска школа во светот, додека пак наставниот кадар на Институтот за филм освен редовните, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага, што ќе им овозможи на идните студенти да учат директно од едни од најдобрите професори во областа.

Во однос на почетокот на уписите за втор циклус студии на Институтот за филм, Ристовски појасни дека процесот трае до 4 октомври, а започнува со пополнување на електронска пријава на веб-страницата www.filmacademyohrid.com, по што ќе следуваат интервјуа со кандидатите на 13 и 14 октомври. Селекцијата на идните студенти ќе ја изврши стручен тим на институцијата.

Со цел да им се овозможи на најдобрите кандидати, независно финансиската состојба, да студираат на овој престижен институт, Ристовски истакна дека Министерството ќе додели 20 целосни стипендии за студентите што ќе запишат на една од програмите и додаде дека Владата и ресорното Министерство интензивно ќе работат Институтот за филм да прерасне во регионално препознатлива високообразовна институција, со оглед на големиот интерес за овие студии и потенцијалот на Охрид да привлече интернационални студенти.

Адреса

Министерство за образование и наука

ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54

1000 Скопје, Република Северна Македонија

Copyright © 2016 mon.gov.mk. Сите права се заштитени.

Контакти

phone icon +389 2 3117 896

fax +389 2 3118 414

mail contact@mon.gov.mk

Поврзете се со нас

facebook-icon

Следете нè на Facebook