Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес заедно со УСАИД и Фондацијата „Чекор по Чекор“ го потпишаа Меморандум за разбирање и соработка, со кој се продолжува со реализација на Проектот „Со читање до лидерство“.

- Главната цел на овој проект е да ги процени и подобри основните вештини по мајчин јазик и математика кај учениците од првиот циклус во основното образование, како и да ја зајакне педагошката практика на наставниците, особено вештините кои се однесуваат на дијагностичко и формативно оценување, и да ја зголеми јавната свест за важноста на јазичната и математичката писменост, изјави Адеми.

Проектот, напомена министерот, ќе се спроведе во сите региони на Република Македонија, како урбани така и рурални и ќе бидат опфатени ученици од сите етнички, полови и социјални групи.

- Во рамките на овој проект, за прв пат во мај 2014 година беше извршено систематско собирање податоци за постигањата по математика и мајчин јазик кај учениците од второ и трето одделение во одбран број училишта од целата држава. Целта на овие податоци е да ни покажат колку децата успеале да ги совладаат основните јазични и математички вештини во првите години од нивното образование, рече Адеми, напоменувајќи дека оваа информација е од суштинско значење за подобрување на квалитетот на образованието во почетните одделенија во Македонија.