Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на доделувањето сертификати на учесниците во програмата „кариерно советување“, која се реализира со подршка на проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување – ЈЕС Мрежа

- Кариерното насочување и советување на учениците е еден од главните приоритети на Министерството за образование и наука кој се однесува на подобрување на квалитетите на работната сила и обезбедувањето на помош на учениците при изборот на професии што се во согласност со нивните афинитети и се бараат на пазарот на трудот, рече министерот Адеми, напоменувајќи дека веќе трета година активно работи во изготвување и реализација на програма за кариерни активности во училиштата со подршка на проектот на УСАИД „ЈЕС Мрежа“.

Во првата фаза, додаде Адеми, од реализацијата на овие активности, фокусот беше ставен на отворање на кариерни центри во средните училишта во седум пилот општини каде што се имплементира овој проект.

- Досега со подршка на ЈЕС Мрежа проектот на УСАИД, веќе се опремени кариерни центри во 38 средни училишта во 6 општини во Македонија, како и на територијата на Град Скопје. Во тек е опремување на дополнителни 11 кариерни центри распределени во повеќе општини ширум земјава. Едни од клучните чинители во процесот на кариерното советување на учениците се училишните психолози. Во наредниот период МОН заедно со ЈЕС Мрежа проектот ќе се фокусира на обука и вклучување на што поголем број на психолози во реализација на кариерното советување на учениците, истакна Адеми, додавајќи дека изборот на вистинска кариера е една од најважните одлуки на секој млад човек.

- Сакам да ве охрабрам да реализирате што поголем број на активности кои ќе им помогнат на учениците да донесат вистинска одлука и да го направат вистинскиот избор. Со тоа директно го помагаме кариерниот развој на секој ученик, но и нивниот придонес во развојот на нашето општество, им порача министерот Адеми на учесниците во програмата.

Оваа програма овозможува обука на тимови кариерни советници во училиштата, кои ќе им помагаат на учениците на најдобар начин да донесат правилен избор на понатамошно образование и работна кариера.