Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес присуствуваше на манифестацијата посветена на проектот „Градиме мостови“, кој се реализира со соработка меѓу Министерството за образование и наука, ОБСЕ и Амбасадата на Швајцарија.

Фондот „Градиме мостови“ е заедничка заложба на Министерството за образование и наука, Амбасадата на Швајцарија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршка на заеднички активности во училиштата кои вклучуваат ученици од различни заедници и различни наставни јазици со цел да се зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната средина.

- Мултиетничноста е белег на Република Македонија. Уверен сум дека никаде во светот, етничките заедници не соработуваат на начин на кој тоа се прави во Македонија. Да се научи нешто за оној – различиот од себе, го збогатува нашиот дух и желба за соработка, истакна министерот Адеми.

Кога ќе го запознаетe поинаквиот од себе, додаде министерот Адеми, ќе ги разберете неговите животни сфаќања, ќе научите зошто едните се прекрстуваат, а другите клекнуваат и се молат.

- Ќе сфатите дека и тој има мани и доблести како и вие, но на крајот се се сведува на фактот дека сите сме еднакви и исти. Никогаш немој да дозволите предрасудите да бидат мотивот кога треба да соработувате со различниот по религијата, бојата на кожата, социјалниот статус. Да се научи за другите е огромен плус во Вашиот живот, ќе сфатите дека и тој е човек како и Вие, дека не е ништо поразличен од Вас и дека ги сака истите работи, кои ги сакате и Вие, рече министерот напоменувајќи дека дружењето на учениците кои беа дел од овој проект ќе продолжи и по завршување на истиот.