Министерот за образование и наука, М-р Абдилаќим Адеми денеска го посети средното професионално училиште „Моша Пјаде“ во Тетово каде учествваше на промоција на електронската опрема за техничките струки во ова училиште. Оваа инвестиција е потпомогната од Нансен Дијалог Центар од Норвешка. Адеми истакна дека оваа инвестиција ќе ги подобри условите за работа на учениците во ова професионално училиште и дека овие струки ќе бидат попривлечни. Истовремено, додаде тој, учениците ќе се здобијат со вештини и способности за наоѓање работа и за развивање на понатамошната кариера во високото образование.

Министерот Адеми одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со промените на имињата на училиштата во Тетово истакна:
„Главната компонента за квалитетот на образованието сигурно не е името на едно училиште, туку активноста која се одвива во тоа училиште, но исто така, учениците и вработените на некој начин треба да го чувствуваат училиштето како нивно и преку името кое го носи тоа училиште. Ако Вие денеска направите една анкета со учениците од ова училиште каде денеска се наоѓаме, за тоа кој е Моша Пјаде, Ви гарантирам дека 99.9 отсто нема да знаат кој е тој. Така да ова е еден процес кој ние треба да го следиме, тоа е еден процес кој треба да го адаптираме со актуелните околности, но и според потребите на учениците, родителите, но и на вработените и се надевам дека во соработка со општината Тетово барем за ова училиште каде се наоѓаме ќе се најде брзо решение. Важно е учениците и вработените во ова училиште да го чувствуваат училиштето како нивно и преку името кое го носи“, истакна министерот Адеми.

Тој во текот на денешниот ден во Тетово го посети и ОУ „Миѓени“ каде одблизу го следеше процесот на интергрираното образование и ваннаставните активности.