Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, имаше свое обраќање на презентациите на тема „Програми на Унијата“ и „Стипендии Габриела Коневска Трајковска“ во организација на Секретаријатот за европски прашања, при што се осврна на најголемите Европски рамковни програми за истражување, развој, иновации и мобилност, Хоризонт 2020 и Еразмус +.

- Би сакал сосема накусо да ве информирам дека Република Македонија во последниве 3-4 години, интензивно работеше на креирање адекватни услови за целосно заокружување на законската рамка во поглед на научно-истражувачката и иновациската дејност, како и донесување на најзначајните стратешки документи. Покрај амандманот на Законот за научно-истражувачка дејност, со кој се предвидува 40% од школарината да се алоцираат за фундаментални и применети истражувања, модернизација на научно-истражувачката инфраструктура и нејзино одржување, обуки, тренинзи и сл., усвоен е и Законот за иновациска дејност, истакна министерот Адеми, напоменувајќи дека кон крајот на 2013 започна со работа Фондот за иновации и технолошки развој, чија основна функција е да обезбедува поддршка за финансирање и ко-финансирање на развојни и иновативни проекти, грантови за трансфер на технологии, како и техничка и консултативна поддршка за старт ап и постоечките компании.

Од стратегиите, додаде Адеми, би ги издвоил Националната стратегија за иновации 2012-2020 и Регионалната научно-истражувачка стратегија за иновации на Западен Балкан.

- Сето ова создава добра база за натамошно јакнење на севкупниот научноистражувачки потенцијал и капацитети, а со тоа и поуспешно користење на можностите кои се нудат во севкупните национални и меѓународни програми, а особено Хоризонт 2020 и Еразмус +, рече Адеми, додавајќо дека со потпишувањето на Договори за учество во овие програми, Република Македонија се стекна со статус на асоцијативна членка, што значи еднакви права и обврски како и земјите членки на ЕУ.

Министерот Адеми, пред присутните потенцираше дека Република Македонија бележи навистина добри резултати од учествата во рамковните програми за истражување и развој, почнувајќи од ФП6, каде беше лидер во Регионот со 64 проекти и 6.2 милиони евра, потоа во ФП 7 каде Република Македонија има повеќе од 120 проекти со 13-14 милиони евра.

- Мојата порака за сите вас е да го капитализирате ова искуство, знаење и потенцијал и максимално да одговорите на предизвиците што пред вас ги отвораат програмите Хоризонт 2020 и Еразмус+. Ве поканувам сите вас да исчекорите и да се вклучите во програмите, да ги пронајдете своите можности и да ги збогатите своите капацитети, рече во своето обраќање министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми.