Во државното училиште за  рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода, денес беше отворен едукативен центар за физиотерапија, дониран од Лајонс-клубот „Свети Пантелејмон“ од Скопје.

На отворањето присуствуваше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој истакна дека овој центар е исклучителен исчекор во функционирањето на ова посебно училиште, затоа што во него ќе работат учениците со оштетен вид, кои, како што рече, покрај теоретскиот дел, отсега ќе можат и практичниот дел да го извршуваат во рамки на училиштето.

Ристовски потврди дека Министерството за образование и наука ќе ги помогне идните активности на центарот, затоа што определба на Владата е да се отвораат вакви центри во средните стручни училишта кои ќе ја зголемат практичната работа, но и ќе прераснат во реални компании кои ќе може да ги комерцијализираат своите услуги.

“Така училиштата ќе обезбедат дополнителни средства, а учениците покрај практичниот дел ќе се вклучат во почетоците на бизнисот за по завршување на училиштето многу поедноставно да се вклучат на реалниот пазар на труд“, истакна Ристовски.