Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го пушти во употреба новоизграденото основно училиште „Кочо Рацин“ во селото Долно Српци, општина Могила, кое  пред една година беше опожарено и неупотребливо за редовна настава на тамошните ученици.

- Пред една година целосно изгоре стариот објект на училиштето. По посетата со премиерот одлучивме да не вршиме реконструкција на стариот објект, туку објектот целосно да се сруши и на истото место да се изгради ново училиште. Согласно ветеното, сега имаме нов објект, наставата непречено се реализира, и затоа сметам дека ова е еден од позитивните примери во насока на исполнување на ветувањата и потребите на граѓаните, истакна Ристовски, напоменувајќи дека во училиштето во моментов учат 56 ученици на кои им се овозможени квалитетни и високи стандарди за основно образование.

За изградбата на новото основно училиште „Кочо Рацин“ во селото Долно Српци, Министерството за образование и наука вложи 10 милиони денари.