Образовните установи да изнајдат начини со кои ќе ја продолжат неформалната едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба предизвикана од ширењето на коронавирусот, а особено да се фокусираат на можноста за воведување на онлајн настава.

Ова е апелот на министерот за образование и наука Арбер Адеми кој денеска на прес конференција заедно со градоначалникот на Карпош Стефан Богоев ја посочи оваа локална самоуправа и училиштата под нејзина надлежност за пример кој треба да се следи од аспект на тоа како може да продолжи едукацијата на учениците додека училиштата се затворени.

Адеми истакна дека иако не постои можност за организирање на онлајн настава за сите ученици поради повеќе причини, пред сé поради недостапноста на интернетот во сите средини, но и поради тоа што не сите ученици поседуваат ИТ уреди или се едуцирани да ракуваат со нив, сепак, потребна е иницијативност и придонес од училиштата и општините со цел што повеќе ученици преку користење на интернетот и онлајн едукативните алатки да бидат опфатени со неформална едукација.

Министерот потенцираше дека веднаш по одлуката за привремено затворање на училиштата и градинките, Министерството за образование и наука заедно повеќе други засегнати институции и организации пристапи кон дефинирање на план со кој децата во вакви вонредни околности нема пасивно да го минуваат времето дома, туку ќе го исполнат со совладување корисни и едукативни содржини.

„Освен што споделивме бесплатни апликации, дигитални алатки и содржини за учење од дома, кои според информациите кои ги добивам веќе наоѓаат соодветна примена, на националниот телевизиски сервис МРТВ од вчера почна да се емитува едукативна програма наречена „ТВ училница“, рече Адеми, појаснувајќи дека трите канали на МРТВ започнаа да емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште, додека за децата од претшколска возраст се емитуваат едукативни емисии и приказни согласно нивната возраст.