Министерството за образование и наука информира дека во тек е имплементација на проект за “создавање средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку ко-креирање и иновации“, предводен од СмартАп - Лабораторија за социјални иновации, а поддржан од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образование и УНИЦЕФ.

Во рамки на проектот е предвидено создавање на национална веб платформа за образование, која ќе биде наменета за воспитувачи и наставници кои работат со деца од 3 до 10 годишна возраст.

Секој воспитувач, односно наставник има можност да креира своја едукативна активност и истата да биде прикачена на платформата, како и да ги користи дидактичките материјали и игровни активности креирани од други воспитувачи и наставници, а со цел подигнување на креативноста и квалитетот на наставните часови.

За оваа цел, се организира дводневна работилница за воспитувачи и одделенски наставници, каде ќе се изработуваат дидактички материјали и игровни активности кои по завршување на настанот ќе бидат достапи и отворени за користење преку националната веб платформа за образование.

Заинтересираните можат да се пријават за учество на работилницата преку пополнување на електронска апликација на https://skrati.mk/Kreirajaktivnosti, најдоцна до 27.10.2019.

Министерството за образование и наука ги повикува сите заинтересирани наставници да се пријават на работилницата и да дадат свој личен придонес во имплементацијата на овој проект со идеја за подобрување на воспитно-образовниот процес.

Повеќе информации на https://www.innovationlab.mk/work/inno4edu/.