Министерството за образование и наука продолжува континуирано да инвестира во унапредувањето на образовната инфраструктура, а заради непречена и квалитетна реализација на воспитно образовниот процес. Ова го истакна министерот за образование и наука, Арбер Адеми на денешната тематска прес конференција посветена на капиталните инвестиции во образованието, најавувајќи дека претстојниот период ќе биде исклучително работен за Министерството за образование и наука, со цел до крајот на календарската година да бидат заокружени предвидените тековни, а паралелно да започнат и неколку нови најавени градежни активности.

Како поприоритетни, ги издвои активностите за изградба на нов училишен објект во општина Студеничани, во кој настава ќе можат да следат 300 ученици од населените места Батинци и Љубош. За оваа намена во тек е јавна набавка, а издвоени се 55,4 милиони денари.Министерот за образование и наука информираше и дека министерството планира темелна реконструкција на подрачниот училишен објект на ОУ „11 Октомври” во Ново Село во општина Боговиње, кој целосно изгоре во пожар на крајот од минатата 2017 година.„Во моментов, комисијата за јавни набавки при МОН врши евалуација на пристигнатите понуди по однос на тендерот за изработка на техничката документација, по што, веднаш по изборот на најповолната, ќе пристапиме и кон објава на тендер за избор на градежна компанија која ќе ги реализира градежните активности на терен“, рече Адеми, додавајќи дека согласно очекувањата, објектот ќе биде ставен во функција на почетокот на второто полугодие од новата учебна година.

Паралелно, како што информираше Адеми, во тек е и јавна набавка која предвидува санациони и реконструктивни активности во седум училишни објекти за кои има подготвена техничка документација. Инвестицијата е во вкупна вредност од речиси 78 милиони денари. Предвидено е реконструксија на ПОУ „Димката Ангелов – Габерот“ во с. Прждево, општина Демир Капија; ученичкиот дом во состав на СОУ,,Кочо Рацин“ во општина Свети Николе; ОУ„Јосип Броз Тито“ во с. Радожда општина Струга; ОУ „Единство“ во струшко Октиси; СОУ ,,Ѓошо Викентиев“ во општина Кочани; СУ ,,Гостивар“ во општина Гостивар; ОУ „Васил Главинов“, во општина Чаир. Министерот Адеми додаде дека во текот на септември годинава се очекува да завршат активностите за реконструкција на блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје за што се инвестираат 162 милиони денати, а дополнително за август најави и отпочнување на постапка за набавка на нов мебел во 18 ученички домови во земјата за што се издвоени 50 милиони денари.

По однос на изградбата на училишните спортски сали, рече дека до септември ќе биде завршена изградбата на 4 објекти (СОУ ,,Перо Наков“ - Куманово, ОУ ,,Тодор Хаџи Тефов“ - Кавадарци, ОУ ,,Мустафа Ататурк“ - Гостивар и ОУ ,,Сабедин Бајрами,, с.Камењане), додека во тек се и активности за изградба на спортските сали во Чашка, Виница, Јосифово, Черкези, Шипковица и Лабуниште и истите ќе бидат готови следната календарска година.