Министерот за образование и наука, др Арбер Адеми денеска подели 24 сертификати од програмата за јазична и нумерична писменост, реализирана во Казнено-поправниот дом во затворот во Охрид којашто е спроведена од страна на Министерство за образование и наука (МОН) во соработка со УНДП.

“Секој заслужува втора шанса во животот! А кога станува збор за образованието, оваа парадигма добива двојна вредност. Стекнувањето со знаења во читање и математика, несомнено ќе ви ги отвораaт пред се вратите на вашата ментална и духовна слобода; ќе ве охрабри да побарате понапредни знаење кога вратите и физички ќе се отварат... Несомнено, овие сертификати со кои се потврдуваат постигнувањето на вашето ниво на знаењa ќе го просветлат вашиот животен пат надвор од Казнено-поправните установи. Ќе излезете од овде не само поправени во вашите однесувања, туку и спремни да го продолжите животот како и секој друг. – рече министерот Адеми.

Тој исто така додаде дека Министерството кое го води во соработка со другите државни институции, поддржани и од страна на меѓународните организации како што е УНДП, ќе продолжи да прави сѐ што е во нивна надлежност за да се зголеми нивото на образование, секаде каде што ќе има потреба.

Обраќајќи им се на присутните на оваа образовна програма, министерот Адеми им посочи на учесниците на програмата “да станете позитивен пример и на дело да докажете дека навистина сте ја заслужиле шансата за образование”.

При доделувањето на сертификатите присутна беше и амбасадорката на УНДП, Луиза Винтон, претставници на Основното училиште „Христо Увонов“, како и претставници на казнено-поправните домови од Охрид и Тетово.