Делегацијата на Европската Унија во Скопје изразува подготвеност за поддршка на Министерството за образование и наука во делот на модернизацијата и целосна дигитализација на процесите за прибирање, обработка и анализа на податоци во областа на образованието, кои се особено важни при креирањето на идните образовни политики и реформи.

Преку ИПА II програмата, ДЕУ планира да обезбеди и средства за поврзување и синхронизација на неколку бази со податоци и информативни системи, како и средства за изградба на заеднички платформи за размена на податоци помеѓу Министерството за образование и наука и останатите државни институции, како Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Ова беше главна тема на разговор на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука, Арбер Адеми и претставниците на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Адеми изрази благодарност за континуираната поддршка која ДЕУ ја обезбедува во делот на креирањето и реализацијата на националните образовни политики и реформи, додавајќи дека секоја помош за Македонија како земја аспирант за членство во европското семејство е добредојдена, а во насока на забрзување на процесот на интеграција.