Босанскиот јазик станува дел во редовната настава во основното деветгодишно образование во Република Македонија. Ова беше главната тема на разговор за време на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука, Арбер Адеми и амбасадорката на Босна и Херцеговина во земјата, Лепа Бабиќ, која изрази задоволство што од новата учебна 2018/2019 година на припадниците на бошњачката етничка заедница во земјава им се овозможува да учат на својот мајчин јазик.

Како што информираше министерот Адеми, за оваа намена веќе се направени промени во наставните планови, но и преведени се постојните наставни програми за предметите во прво одделение, кои ќе ги заменат досегашните таканаречени експериментални програми. Адеми посочи дека етапно ќе бидат корегирани и наставните планови и ќе се изработуваат наставни програми и за повисоките одделенија од основното образование.

Министерот за образование и наука напомена дека актуелната влада посветува максимална грижа кон сите граѓани на Македонија, независно од етничката и религиска припадност и дека заложбите за обезбедување на еднакви права и можности остануваат приоритет во агендата за делување во периодот што следи.

На средбата се разговараше и на други теми, со особен акцент на соработката помеѓу двете земји во областа на високото образование и науката, каде постои простор за продлабочување на релациите, преку интензивирање на мобилноста на наставен кадар и студенти и подготовка и реализација на билатерални научно – истражувачки проекти.