Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денес го одликуваше светски познатиот лекар и фармацевт, нобеловец со потекло од гостиварско, Ферид Мурад со титулата почесен доктор на науки.

На свеченоста се обрати и министерот за образование и наука, Арбер Адеми кој изрази големо задоволство што има можност лично да му оддаде почит на еден од најпознатите светски научници, кој како што рече ги заслужува сите титули и признанија за постигнувањата и придонесот во областа во долги години работи.

„Дозволете да Ви честитам за ова ново признание кое Ви го оддава Универзитетот „Мајка Тереза“, што исто така ме радува, бидејќи сепак е најмладата високо образовна установа во Република Македонија, која се сети и го организираше овој настан од особена важност за сите оние, вклучувајќи нé и нас присутните овде, кои во Вас гледаме инспирација за да оставиме позитивен печат во нашето работење, делување, творење и создавање вредности во областа на образованието и науката“, рече Адеми.

Тој на нобеловецот Мурад му посака добро здравје, уште многу успеси и почести посети на Македонија, која како што рече е особено горда земја на неговите успеси и ќе продолжи да му оддава признанија за работата и понатаму.

Ферид Мурад е роден во 1936 година во Индијана, но неговото семејство потекнува од гостиварското село Лакавица. Добитник е на нобелова награда за физиологија и медицина во 1998 година. Тој е почесен граѓанин на општина Чаир, почесен доктор на науки на Државниот универзитет во Тетово, а неговото име го носи општата болница во Гостивар.