Министерството за образование и наука, водејќи се од начелото на транспарентност во целиот процес на реформите кои се предвидени во основното образование, креираше нова интернет страница www.roo.mk, која е наменета за сите заинтересирани страни во воспитно-образовниот процес, односно за наставниците, родителите, учениците, граѓанските организации и институциите.

Интернет страницата има информативен карактер, односно на неа навремено ќе бидат објавувани сите тековни активности кои ги преземаат Министерството за образование и наука и работната група вклучена во измени на наставните планови и програми во основното образование. Преку неа ќе можат да се следи развојот на новите наставни програми и планови, засебно за секое одделение, а истата нуди и можност за дебата со сите заинтересирани страни.

На www.roo.mk се објавени новите наставни планови и наставни програми за основно образование, и претставува добра можност да се слушне мислењето, ставовите, идеите и предлозите на сите заинтересирани.

Предвидени се и видео презентации и видео дискусии за одредени теми кои однапред ќе бидат најавени, односно дебатата ќе се одвива и преку периодични вебинари кои претставуваат интерактивен начин на водење на дискусија кадешто преку емитување на видео презентации или работилници учесниците можат да поставуваат прашања и да добиваат одговори во реално време.

Министерството за образование и наука ги охрабрува наставниците, како и родителитe, граѓанските организации и експертската јавност, активно да земат учество во креирањето на новите наставни планови и програми во основното образование и со тоа да придонесат за подобро образование на учениците.