|
За Проектот за Модернизација на Образованието |
|
Како одговор на предизвиците што ги наметнува потребата за осовременување на образовниот процес, Министерството за образование и наука започна со имплементација на проектот за модернизација на образованието. Активностите опфатени во Проектот произлегуваат од развојната политика на Министерството која е насочена кон подобрување на работата на училиштата и кон унапредување на организацијата на самото Министерство. Проектот ќе трае пет години и ќе ги вклучи сите основни и средни училишта во Македонија во програмата за доделување грантови за развој на училиштата. Воедно проектот ќе овозможи зајакнување на институционалните капацитети на Министерството, вклучувајќи подобрување на стратешкото планирање, менаџментот и процедурите за мониторинг и евалуација во образовниот сектор, што ќе му овозможи подобро да функционира во децентрализираниот систем. Проектот ги вклучува следниве компоненти: Планирање на училиштата и грантови за развој на училишта: Целта на оваа компонента е да се подобри квалитетот на наставата и учеството во образовниот процес во училиштата преку зајакнување на планирањето и управувањето на училиштата, обука на наставниците во текот на работењето и преку имплементација на програмата за училишните грантови. Зајакнувањето на управувањето и администрацијата на училиштата е во согласност со заложбата на Владата за децентрализација на образованието. Децентрализација на образованието: Целта на оваа компонента е да се изградат системи и капацитети на централната и локалната власт што ќе им овозможат да функционираат во децентрализиран образовен систем. Компонентата вклучува подобрување на стратешкото планирање, менаџментот и процедурите за следење на работата и сносење одговорност во образовниот сектор кои се од суштинско значење за работењето во децентрализирана средина. Проектот за модернизација на образованието е финансиран со заем од Светска банка и грант од Владата на Холандија.
|